Економските врски помеѓу Македонија и Шведска претставуваат динамика која во последните години бележи конзистентен раст. Иако историски гледано трговската размена е релативно скромна, статистичките показатели ја потврдуваат тенденцијата на нејзино проширување. Според податоците на Опсерваторијата за економска комплексност (OEC World), трговската размена во последните пет години пораснала со годишна стапка од 16,2%. Државниот завод за статистика дополнително покажува дека извозот на македонски производи во Шведска од јануари до мај оваа година достигнал 33,2 милиони евра, додека во текот на 2024 година вкупниот извоз надминал 46,1 милион евра.
Најголем дел од извозот е концентриран во неколку категории: чоколадо, изолирани жици, машки кошули, обувки, зелка, машини за подигање и производи од кожа. Иако македонското вино е добро познато во регионот и пошироко, неговото учество во вкупниот извоз кон Шведска е симболично – само 0,22% во 2023 година. Овие податоци не само што ја рефлектираат структурата на македонската извозна економија, туку и укажуваат на нови бранши кои допрва може да се развиваат. Во споредба со другите скандинавски земји, Шведска се наметнува како далеку најзначаен партнер.
Трговијата со Норвешка и Данска е на значително пониско ниво, што укажува на фактот дека продлабочувањето на односите со Шведска претставува најлогичен пат за постепено интегрирање и со другите економии во регионот. Повеќе од четириесет шведски компании се активни на македонскиот пазар. Тие се распоредени во повеќе индустрии опфаќајќи ги и автоиндустријата, телекомуникациите, медицинската опрема, текстилот, здравствениот, козметиката, но и трговијата. Од друга страна, повеќе од педесет компании со македонски сопственици работат во Шведска, најчесто во секторите на гастрономијата, продажбата на автомобили, информатичките технологии и недвижностите. Овој двонасочен интерес укажува на тоа дека постои здрава основа врз која може да се изгради структурирана рамка за понатамошен развој на економските односи.
Целта и функцијата на Шведско-македонската стопанска комора
Токму врз овие предуслови се надоврзува создавањето на Шведско-македонска стопанска комора. Оваа институција е замислена како мост меѓу бизнис заедниците во двете земји, со јасна мисија да обезбеди инфраструктура за поддршка, промоција и развој на деловните врски. Комората активно ќе ги застапува интересите на своето членство пред македонските и шведските владини тела, локалните власти и други административни институции.
Комората ќе ги поврзува македонските и шведските компании преку организирање едукативни настани, деловни мисии, средби помеѓу бизниси, претприемачи, но и важни државни службеници. Таа ќе може да изгради доверба и кредибилитет преку своето институционално присуство, овозможувајќи компаниите да добиваат препораки и сертификација што носи тежина пред потенцијалните партнери.
Комората пренесува информации преку билтени, извештаи, меморандуми и други форми на известување со кои компаниите ќе можат да добијат анализи за локалните пазари, информации за законските регулативи и пристап до експертски мислења. Со тоа се олеснува процесот за фирми кои често не знаат како да го започнат својот настап на странскиот пазар. Комората ќе има и функција на поддршка за стартапи и мали и средни претпријатија. Преку локални ментори и партнерски канали, овие компании ќе можат полесно да навлезат на скандинавските пазари. Дополнително, ќе се поддржуваат програми за претприемништво, иновации и одржлив развој.
Еден од главните двигатели за влез на странскиот пазар е промоцијата. Учеството на саеми, изложби и конференции е средство преку кое компаниите се претставуваат пред потенцијалните клиенти. Комората ќе игра активна улога во организирањето на вакви настапи, што е особено важно за земји како Македонија, чија продукција често има потреба од поширока видливост.
Уште една клучна предност на Комората е експертизата на нејзиниот одбор. Членовите на одборот имаат повеќегодишно искуство од различни сектори – од ИКТ сектор, рударство, здравство па сè до автоиндустрија – и се географски лоцирани низ Македонија и низ Шведска. Тие не само што имаат локално знаење за двата пазари, туку и развиени мрежи на контакти кои можат да бидат пресудни за отворање на нови можности. Со тоа, комората ќе стане платформа која истовремено обезбедува заштита и застапување на интересите на своите членови, ги поддржува економските односи во индустријата, трговијата, земјоделството и услугите, и организира активности кои ја зајакнуваат бизнис врската помеѓу двете земји.
Шведско-македонската стопанска комора претставува важен чекор во унапредувањето на билатералните економски односи. Таа ќе создаде институционална основа за континуирана поддршка на компаниите, како во Македонија така и во Шведска, ќе гради доверба и кредибилитет, ќе организира настани и форуми, и ќе ја промовира Македонија како атрактивен партнер во Шведска. Преку својата улога во градење на контакти помеѓу разни бизниси и претприемачи, поддршка на иновации и трансфер на знаење, комората ќе придонесе кон зголемена трговска размена и поширока економска соработка, отворајќи пат и за продлабочување на економските врски со другите скандинавски држави.






