„Секојдневно гледаме како капитални проекти кои се клучни за скопјани стојат заглавени поради политички игри, опструкции и незаинтересираност за реалните потреби на граѓаните“, изјави Шукова во посета на Карпош.
Таа како пример го посочи булеварот од мостот кај Љубљанска до улицата Скупи, кој според неа е од огромно значење за растоварување на метежот и подобро поврзување на Карпош со остатокот од градот.
„Сè е готово – проектна документација, експропријација, дури и обезбедени 190 милиони денари. Единствено се чека дозвола од Министерството за култура за теренски истражувања. Но веќе две години, блокада и застој!“, потенцираше Шукова.
Таа најави дека како идна градоначалничка ќе се заложи целосно да ја деблокира изградбата на овој булевар и мост, како и сите други стопирани проекти што им се потребни на граѓаните.
„Како ваша градоначалничка, ќе направам сè во моја надлежност оваа блокада да заврши. Ќе инсистирам истражувањата веднаш да завршат и да ја почнеме изградбата. Граѓаните одамна заслужуваат современа, функционална и европска инфраструктура и ќе ја добијат!“, порача Шукова.






