понеделник, 15 декември 2025

Шукова ја смета погрешна идејата за градски воз покрај Вардар, ВМРО-ДПМНЕ реплицира дека таа и СДСМ немаат план за Скопје

Идејата за железница покрај кејот на Вардар е исклучително погрешна. Тоа е последното нешто што му треба на Скопје. Кејот на Вардар е едно од ретките места што им преостануваат на граѓаните за мир и рекреација од хаосот на секојдневието во градот. Да се уништи тој простор со шини и бучава би било културен и еколошки вандализам, вели потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова во соопштение.

Објавено на

часот

Сподели

Граѓаните на Скопје заслужуваат уреден кеј со велосипедски и трим патеки, урбана опрема, зеленило и чист воздух. Тоа е визијата што ќе ја бранам, кејот како градска оаза за спортување, пешачење, семејни прошетки и живот, нагласува Шукова

„Што му треба на Скопје? Сериозен, ефикасен и еколошки јавен транспорт. Наместо да се фрлаат нереални идеи кои звучат добро на хартија, а се катастрофа во реалноста, ќе предложиме нов, модерен систем на јавен превоз кој ќе биде брз, достапен, чист и одржлив. Ќе го дигнеме јавниот превоз од пепелта во која ВМРО-ДПМНЕ го остави да тоне четири години.

Моја заложба како кандидатка за градоначалничка е јасна, Скопје ќе биде град за луѓето. Град на велосипедисти, мајки со деца, спортисти, рекреативци, ученици, пензионери.“ реагира потпретседателката на СДСМ и кандидатка за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова.

На оваа визија на Шукова, која е различна од проекциите за градски воз што ги промовираат од нејзината конкуренција, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со реплицирање.

„Кога Шукова зборува за зеленило, чист воздух и јавен превоз, се поставува прашањето дали таа беше министер во Влада на СДС или некој друг? Шукова говори за тоа што му фали на Скопје, и тоа би било во ред, доколку само до пред една година таа не беше токму министер за животна средина и просторно планирање3, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија сметаат дека таа како министер имаше можност и простор, да направи план за намалување на аерозагадувањето, за зелени површини, за еколошки јавен превоз, но сепак таа одлучила „да му слугува на Ковачевски, а во реалноста на Заев“.

„СДС и Шукова ниту имаат план, ниту знаат како да го подобрат животот на скопјани. Тоа е видливо затоа што единствен ‘успех’ на СДС во Скопје за подобрување на животната средина е зелената површина на Шилегов на плоштадот. Затоа времето на Шукова заврши уште пред да почне. На граѓаните им е преку глава од лажни ветувања кои знаат дека нема да се реализираат. Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ постепено ќе ги градат темелите на промените во Скопје!“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ