недела, 22 март 2026

Шукова: Архитекти и експерти ќе ја водат обновата и ревитализацијата на Скопје

Кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, најави дека обновата и ревитализацијата на главниот град ќе бидат предводени од архитекти и експертската јавност. Таа преку објава на социјалните мрежи порача дека денешната слика за Скопје е резултат на, како што вели, криминалното работење на локалната власт и претставува урбан хаос, непланско и нестандардизирано градење без креативни и функционални решенија.

Објавено на

часот

Сподели

„Градот, кој по земјотресот се обновуваше согласно тогаш најмодерните архитектонски решенија, логично и со визија за неговиот раст, која во својата есенција го имаше хуманото живеење, здрава животна средина, автентичен стил и култура поставени со урбанистичко решение на големиот Кензо Танге – основоположник на архитектонскиот структурализам, денес наликува на бетонска џунгла која се зголемува и шири без никаков план, стил и емпатија. Сето ова е резултат од криминалното работење на локалната власт раководена од ВМРО-ДПМНЕ и нивната, како што велеа најуспешна менаџерка – хаос, непланска и агресивна урбанизација“, напиша Шукова.

Таа посочи дека наместо вистинска урбана метропола, Скопје станало заложник на бизнис-зделки и интереси, а истото, според неа, го нуди и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

„И наместо нивниот нов кандидат за градоначалник на Скопје Орце, да го осуди урбаното дивеење низ Скопје, тој молчи, а молчењето значи поддршка. И молчењето значи дека Орце ќе биде само новото продолжение на Данела Арсовска, режирано од истиот партиски центар на моќ и воден од истите тесно-партиски пориви. Плановите за урбан развој на Скопје, кој би ги понудил Орце, никако нема да се разликуваат од реалноста која ја живееме изминатите 4 години, со оглед дека тој не ја осудува досегашната урбанистичка политика, напротив, сосем природно плива во рамките на истата. А тоа Скопје веќе не може да го издржи!“, порача таа.

Шукова потенцира дека не е против градењето, туку против „крадењето“ и отсуството на ред и план.

„Ние сме за урбано, хумано и планирано Скопје. Урбанизацијата мора да биде за граѓаните – не против нив. Тоа значи квалитетен живот, јавен простор, зеленило, инфраструктура и достоинствено домување. Нашето Скопје функционира според Генерален урбанистички план од пред 13 години, од што последиците ги трпат граѓаните – урбан хаос кој секојдневно го гуши животот на скопјани“, наведе таа.

Како една од клучните иницијативи, Шукова најави основање на Фондација развоен институт Скопје, која ќе ја организира активната соработка меѓу градот, академската и стручната јавност, граѓанските здруженија и сите засегнати актери. Целта, како што рече, е воспоставување нови практики за правилен системски развој на градот и неговата трансформација во одржлив, зелен, економски, културен и урбан центар.

„Тоа ќе биде процес што ќе овозможи пред крајот на првата година од мојот мандат да се донесе нов Генерален урбанистички план“, најави Шукова.

Таа додаде дека стратешките правци на развој на Скопје не смеат да зависат од политичките желби и амбиции на поединци, како што, според неа, беше случај со проектот „Скопје 2014“. Наместо тоа, како што истакна, Скопје мора да обезбеди хумано и организирано живеење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ