Кирил Панајотов, вработен во Општина Штип денеска изјави дека настаните се организирани од Општинскиот мултимедијален центар, кои секоја година на овој ден потсетуваат на животот и делото на Глигоров – една од најзначајните личности во поновата македонска историја.
Посетителите имаа можност да разгледаат лични предмети, фотографии и документи поврзани со животот на Глигоров, а преку мултимедијални содржини да се запознаат подетално со неговиот придонес во историјата на македонската државност.
„Општина Штип и општинскиот Mултимедијален центар по повод роденденот на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров редовно организира отворен ден на Спомен-собата, меѓутоа и други придружни активности, кои што на некој начин се должна почит за одбележувањето на денот на раѓањето на еден од најмаркантните историски личности и фигури на 20 век за Македонија, но и пошироко. Годинава исто така отпечативме и нов флаер, односно промотивен материјал, кој го добиваат постетителите редновно кои доаѓаат и го посетуваат овој центар“, изјави Панајотов.
Тој посочи дека Спомен-собата на Киро Глигоров беше отворена благодарение на семејството Глигорови.
„Центарот со одлука на Советот на Општина Штип во 2017 година го доби името на првиот претседател, а следната година, практично во 2018, благодарение на семејството Глигорови се отвори Спомен-собата“, вели Панајотов.
Првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров секогаш порачуваше „Македонија е сѐ што имаме“. Киро Глигоров е роден во 1917 во Штип, а почина на 1 јануари 2012 година во Скопје. Глигоров беше претседател на Република Македонија од 27 јануари 1991 до 19 ноември 1999 година.