Во соопштението испратено до медиумите, се наведува дека надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до Основниот суд во Куманово доставил известување со кое го повлече обвинителниот предлог кој се темелеше на предложените докази, изготвеното материјално-финансиско вештачење во рамките на преземените истражни дејствија, врз основа на кое произлегуваше дека со дејствијата на извршување на кривичното дело, кои се состојат во непостапување по член 59 став 11 од Законот за градење, на двете оштетени правни лица им била нанесена значителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари.
„Меѓутоа, по изведување на сите докази во текот на постапката и пред сè исказите на вештите лица произлегува дека тие се едногласни дека сега, во услови на веќе издадено одобрение за градење, штетата наведена во обвинението нанесена на правните лица, поради непостапување по чл. 59 ст. 11 не постои, па оттука неспорно е дека повеќе не се исполнети законските обележја на кривичното дело кое со поднесеното обвинение се ставаше на товар. За да бидат исполнети законските обележја од наведената квалификација неопходно е да постои нанесена-настапена значителна штета, која во конкретниот случај во услови на издадено одобрение за градење не постои, согласно вештаците“, наведува ЈОРМ.
Оттаму додаваат дека јавниот обвинител испитувал и евентуалното сторување на кривично дело со друга правна квалификација, при што уште еднаш темелно ги анализирале сите докази изведени во текот на судската постапка, а предметот по барање на предметниот обвинител два пати бил рефериран и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
„Од сите преземени дејствија се утврди дека не постојат цврсти докази со кои надвор од разумно сомневање би се докажало сторувањето на кое било друго кривично дело кое се гони по службена должност, па јавниот обвинител имаше обврска да го повлече поднесеното обвинение“, велат од ЈОРМ.
Еден од адвокатите на оштетените правни субјекти, Виктор Божиновски, на денешната прес-конференција рече дека не постојат правни причини за повлекување на обвинението и не држат аргументите за повлекувањето. Според него, нема правна основа, бидејќи, како што објасни, правните лица потпишале договори со други фирми за почеток на градежни активности, но не ја добиле потребната пресметка за наплата на комуналии и не можеле да почнат со градба.
Божиновски не се согласува дека во работата на општината не одлучувал градоначалникот, туку други сектори, како што е наведено во образложението. Наведено е дека имало и преплетување на законите за градење, за урбанистичко планирање, за локална самоуправа, нагласувајќи дека предмети на обвинение било само дека обвинетиот не постапил согласно член 59, став 11 од Законот за градење.
Адвокатот не се согласува ниту со делот дека градоначалникот не дејствувал сам и дека бил поттикнат од дописите на гимназијата и школската амбуланта, бидејќи кажа стигнале по рокот за доставување на пресметката.
„Што точно се случувало во обвинителството од петок до понеделник, ќе треба оттаму да побарате информација. Сметам дека за две години сме живееле во два паралелни универзуми. Во образложението е дека обвинетиот не ја донел одлуката суспензија на деталниот урбанистички план (ДУП), туку советот, да – ама на предлог на обвинетиот. Од правен аспект, апсолутно нема основ за повлекување“, изјави Божиновски.
Димитиевски изјави дека правдата излегла на виделина дека го штител јавниот интерес.
„Конечно правдата излезе на виделина. Пред претседателските избори во 2024 година реков дека тоа е политички монтиран процес од страна на урбано-политичко бизнис спрега позната во општината. Бранев јавен интерес и тогаш и сега ги застапувам интересите на граѓаните. Како човек кој верува во институции и малкуте професионалци кои ги има во нив а во овој случај и во узурпираниот обвинителско правосуден систем, поминав низ долго патешествие и присуствував на секое рочиште пред судот. Во таа судска постапка беа презентирани многу факти и аргументи во форма на докази од мојот адвокатски тим кои ги побија обвинувањата и потврдија дека сум работел по закон во заштита на јавниот интерес. Правдата победи! Трошоците на постапката ќе бидат надоместени според закон, а јас во иднина ќе информирам за моите понатамошни правни дејствија“, соопшти Димитриевски.
Реагираа и од поранешната партија на Димитриевски, СДСМ.
„СДСМ најостро реагира на скандалозниот чин на Кумановското јавно обвинителство, кое само пет дена пред завршните зборови во судска постапка, без никакво објаснување повлекло обвинение против градоначалникот Максим Димитриевски. Оттаму посочуваат дека ова е скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност. Од опзициската партија обвинуваат дека случајот бил воден повеќе од една година, со конкретни обвинувања за злоупотреба на службена положба, за неисполнување на службена должност во врска со издавање дозвола за градба, со нанесена штета од над 3 милиони денари. Од СДСМ прашуваат под чија наредба Димитриевски е ослободен од обвиненијата?“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Судската постапка трае од април лани. Како што објасни тој, судот нема никаква можност веќе, бидејќи обвинителот се откажал од предлогот со што постапката завршува, но нагласи дека оштетените имаат право на парнична постапка, што зависи од нив. Тој посочи и дека, како што рече, се сомневаат во политички притисок.
Основниот суд Куманово донесе пресуда со која обвинението против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски се одбива, бидејќи јавниот обвинител се откажал од обвинението, соопшти кумановскиот суд.
„Основниот суд Куманово заради интерес на јавноста за постапката по предметот против обвинетиот М.Д. од Куманово за кривично дело-злоупотреба на службената положба и овластување известува дека на 1 јули годинава, донесена е пресуда со која обвинението се одбива согласно Законот за кривична постапка, затоа што јавниот обвинител со поднесок од 30 јуни годинава се откажа од обвинението“, соопшти Основниот суд Куманово.
Градоначалникот Димитриевски беше обвинет, лани во април за злоупотреба на службената положба, затоа што Советот на Општина Куманово донесе суспензија на деталниот урбанистички план. Во рочиштата кои беа одржани изминатиов период, сопственици на градежни компании се жалеа дека имаат штета донесена од суспензијата. Градоначалникот кажа дека ги штити интересите на кумановци, бидејќи изградбата на комплексот згради во централното градско подрачје помеѓу гимназијата и школската амбуланта ќе го наруши хуманото живеење. Завршни зборови беа закажани за утре.
На локацијата веќе интензивно се спроведуваат градежни активности.






