Во воведното излагање, главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, истакна дека недостатокот на иницијални јавни понуди е прашање на сите прашања од аспект на понатамошниот развој на помалите пазари на капитал.
„Нашите активности на овој план, вклучително и овој настан, се насочени кон поттикнување на домашните компании посеопфатно да размислат за ова и да се одлучат на ваков чекор. Берзата, преку потпишаниот Меморандум со ЕБРД, обезбеди сериозен партнер во овие стратешки заложби. Двете институции во наредниот период заеднички и посветено ќе работат на конкретна поддршка на домашните компании што би одлучиле да се финансираат пазарно“, рече Штериев.
Директорот за развој на пазарите на капитал во ЕБРД, Атила Тот, преку презентација на тема „Финансирање преку пазарот на капитал“, ги објасни клучните придобивки и потребните предуслови и чекори што компаниите треба да ги направат за успешно пазарно финансирање преку издавање акции или обврзници.
„Пазарот на капитал нуди одржливи можности за раст, намалување на ризиците во работењето, поголема транспарентност и зголемување на довербата во компаниите, а успешно извршеното ИПО претставува почеток на дисциплиниран и одговорен развој на компанијата и потврда на нејзината долгорочна деловна стратегија“, рече Тот.
На панел дискусијата на тема „Во какви компании сакаме да инвестираме?” се отвори суштинска дебата за потенцијалот на македонскиот пазар да поддржи и апсорбира емисии на акции и обврзници, критериумите за инвестирање во истите, како и моменталната зрелост на домашните компании за оваа комплексна постапка. Од дискусијата произлегоа битни согледувања околу тајмингот на издавање на хартии од вредност, значењето и сеопфатноста на добрите интерни компаниски подготовки и соодветна надворешна експертиза, како и за важноста на транспарентноста и доброто корпоративно управување во функција на градење доверба кај инвеститорите.
Настанот заврши со презентација од страна на претставниците на ЕБРД кои ја прикажаа нивната понуда за македонските компании, со акцент на програмите за анализа на процесите, реструктуирање и поддршка во функција на поефикасно функционирање и полесен пристап до финансирање.