среда, 8 април 2026

Широк општествен пристап – клуч за справување со странско мешање со информации

Странското манипулирање и мешање со информации претставува сериозна и растечка закана за демократските процеси, која бара јасна институционална подготвеност, координација и пристап што ја вклучува целата заедница. Ова беше заклучокот од тркалезната маса во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС), на која домашни и меѓународни експерти упатија пораки дека борбата против СММИ не е само безбедносно, туку и општествено прашање, и дека клучот лежи во соработката меѓу институциите, граѓанското општество и меѓународните партнери.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролката на Владата, Марија Митева, истакна дека државата е на почеток на процес, кој е нов и комплексен, но неопходен за заштита на демократските институции.

„Станува збор за област во која сè уште не е избран, можеби, најсоодветниот модел. Токму затоа денес, како Влада, покажуваме две работи: политичка волја да го отвориме дијалогот за оваа тема, да покажеме заинтересираност и да ја прикажеме институционалната подготвеност за справување со овие прашања“, истакна таа во изјава пред настанот што се одржува во Скопје.

Според Митева, веќе се преземени првични чекори.

„Од она што досега го имаме направено, формиравме неформална работна група со претставници од релевантните институции. Можевме да забележиме дека во рамките на институциите, кај вработените што се одговорни за секторите за односи со јавност, постои солидно познавање на она што значи странско мешање и манипулација со информации, што претставува добар почеток“, рече таа.

Додаде дека сега се размислува за воспоставување координациско тело и дека превенцијата е клучна, дури и кога нема евидентирани конкретни случаи.

Независниот експерт за странска манипулација со информации, Федерико Јулио Сикарела, оцени дека процесот што се развива во земјата е дел од поширок европски и глобален тренд.

„Според моето искуство во оваа област, забележувам еден вид постепен, но стабилен напредок кон институционализација на одговорите на странското влијание и манипулацијата со информации. Имаме неколку одлични примери во некои европски земји, како што се Шведска, Франција, Украина, и она што се случува овие денови тука, во Северна Македонија, е одраз на тој момент, кој, според мене, веќе постои и е во тек“, рече тој.

Сикарела потенцира дека институционалниот одговор не е доволен.

„Клучно е да се изгради институционална подготвеност за справување со проблемот и заканата од манипулација со информации. Но, проблемот со манипулацијата со информации е многу поширок. Тоа е општествен проблем и бара пристап што ја вклучува целата заедница. За мене, следниот чекор откога ќе воспоставиме добри и соодветни институционални процедури за справување со проблемот, е навистина да се отвори просторот за дебата и да се вклучат граѓанскиот сектор, академската заедница и приватниот сектор, со цел да се креира, воспостави и имплементира пристап што ја опфаќа целата заедница. Бидејќи проблемот е навистина широко распространет, тоа не е само безбедносно прашање, туку општествено прашање и грижа за секоја демократска држава, вклучувајќи ја и Македонија“, нагласи тој.

Претставничката на ОБСЕ/ОДИХР, Франческа Бочели, порача дека манипулацијата со информации е глобален предизвик.

„Тоа што сакам да го споделам е дека ова е глобален предизвик и дека никој не може сам да се справи со него. Затоа, пристапот што вклучува повеќе засегнати страни е оној што дава најдобри резултати. Успешни се оние земји кои успеваат да воспостават функционален систем, што значи кохезија и соработка меѓу државните институции и граѓанското општество“, посочи таа.

Претставникот на Службата за комуникации на Владата на Обединетото Кралство (GCSI), Џо Мекарон‑Шипман, посочи дека странските актери кои манипулираат со информации функционираат организирано и адаптивно и дека процесот, како што рече, бара навистина силна човечка интелигенција.

„Соработувајќи заедно, можеме, прво, да го споделиме товарот на аналитичките ресурси, но исто така да им дадеме помалку места за криење. А ова е една работа во која сме навистина добри во Обединетото Кралство – да се осигураме дека работиме заедно со нашите партнери за да ја ограничиме способноста на овие луѓе да се кријат на одредени места, онлајн и лично. И суштински, таа соработка ќе ја направи профитабилноста невозможна. Тоа нема да се случи преку ноќ, но ќе го направи потешко за вистинската странска влада да спроведе успешна кампања“, рече тој.

Пораките од тркалезната маса се јасни – справувањето со странското манипулирање со информации е долгорочен процес што бара политичка волја, институционален капацитет и вклучување на целото општество, а нашата држава, според говорниците, направила важен прв чекор во таа насока.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ