За пожарот во Кочани, Шилегов прстот го впери во членовите на групата ДНК и рече дека не треба да сте правник за да ви биде јасно кој го предизвикал пожарот и како се случил тој.
„Делото што се става на товар вели тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас… ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето од поголеми размери, па се предвидува казна. Тоа е делото што го сторил обвинетиот Шовкет Хазари, ама со кои средства? Тој одговара за лиценца за угостителска дејност од 10 декември 2014, лиценцата е изработена и контролирана од вработени во Министерството за економија, а од Хазари била проверена. Се обидов да ги најдам зборовите проверена и зборот согласност, но тие зборови во описот на ова кривично дело не постојат. Оттука е нејасно како може проверка на направена лиценца во време од 2013 до 2019 да предизвика пожар на 16 март 2025 во дискотека во Кочани? Шовкет Хазари работел како државен советник во Министерството на економија и кога се случил пожарот е пензионер. Дел од работата на вработените, вклучително и на тогаш државниот советник Хазари, била да постапуваат по барања доставени од страна на заинтересирани лица. Односно барање за издавање лиценца. Нешто што настанува во момент, и сите можевме да видиме кој е тој момент и кој го предизвикал пожарот. Дел од лицата се починати и не сакам на тоа да се враќам, ама тоа е делото, тоа што сите го видовме. По содржина не може да биде нешто поинаку, не може потпис што сте биле должни да го дадете на правен акт, кој сте биле должен да го дадете, да биде предизвикувач на пожар. Не треба да сте правник, за да не ја забележите оваа нелогичност присутна во памфлетот на Обвинителството и да кажете дека ја сторил овој обвинет“, рече адвокатот Шилегов.
Тој упати и прашања до обвинителите за тоа дека ако во државата постоело безредие, тогаш каде биле обвинителите цели 13 години во Кочани.
„Ако ни тврдевте дека постои тој јавашлук, обвинителе, што правевте 13 години во Кочани? Нема суд што може да донесе одлука што ќе ги утеши душите на овие сироти луѓе, но Обвинителството треба да го повлече обвинението и квалитетно да го сработи. Глупоста на обвинителниот акт е толку голема, што обвинителството ни става на товар дека овие обвинети се познаваат, се договориле и свесно извршиле палење на дискотеката. Хазари оди во Кочани дента кога е уапсен и го спроведува полиција, и не ми е јасно како ја запалил дискотеката?“, посочи во воведниот говор адвокатот Шилегов.
На ова родителите на загинатите деца присутни на судското рочиште му возвратија: „Да, многу нѐ жалиш. Немој да ставаш сол на рана, од такви како тебе се предизвика ова, не си во Парламент“.
Судијката Диана Груевска Илиевска, која ја води постапката, упати опомена дека мора да има ред во судницата и дека ако секој каже по нешто, во судницата ќе биде „каша“.
Во овој судски процес на 35 физички и 3 правни лица им се суди за тешки дела против општата сигурност.
На 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Судењето е во тек со воведни говори на другите обвинети лица.
К.Д.






