сабота, 14 јуни 2025

Шести „Марш на ангелите“ во Кочани: Молк на родителите на жртвите од пожарот, како „одговор“ на молкот на институциите

Системот убива – институциите молчат“ беше мотото на денешниот, шести протестен „Марш за ангелите“ во Кочани што го организираа семејствата на починатите во пожарот во клубот „Пулс“.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Токму поради молкот на институциите, на овој марш немаше јавно обраќање на никој од родителите на децата кои ги загубија животите во огнената стихија.

Во долга колона, во која поддршка дадоа и членови на движењето „Кој е следен?“ и граѓани од други градови во државата, во 16 часот и 5 минути учесниците тргнаа од Паркот на rеволуцијата кон Трговскиот центар, Општина Кочани, Полициската станица и Основниот суд и oбвинителството. Со транспаренти „Нема трагедија, има злосторство“, „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“ и „Пратеници, голема (не)благодарност за поддршката“ присутните го искажаа револтот и незадоволството од бавната и задоцнета реакција на надлежните институции.

Фото: Роберт Атанасовски

Во чест на загинатите во „Пулс“, меѓу кои имаше и неколку келнери, се одржа симболична трка на келнерите, во која се вклучија неколку локални угостителски објекти.

„Ова не е натпревар, туку гест на почит и хуманост, за да им се поклониме на нашите сограѓани, нашите колеги, нашите херои кои настрадаа или се здобија со повреди во трагедијата. Тие работеа со насмевка и пожртвуваност, а кога дојде најтешкото тие беа таму до крај. Секој наш чекор е сеќавање на нив и нивното достоинство. Ја делиме болката со нивните родители, браќа, сестри, партнери и пријатели, затоа што нивната загуба е и наша загуба. Не молчиме, туку стоиме заедно со сите родители, а собраните средства се важни, но поважна е пораката што ја испраќаме. Никогаш нема да ги заборавиме и нивните приказни ќе живеат низ нас“, истакна Јане Гицев, организатор на трката на келнерите.

„Маршот за ангелите“ заврши на почетната точка во Паркот на револуцијата, каде присутните со едноминутен молк во чест на починатите, а потоа и со громогласен аплауз им искажаа благодарност на учесниците кои им даваат поддршка на семејствата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ