Постапката за избор на шест граѓански судии во Апелацискиот суд Скопје може да се врати на почеток доколку Управниот суд одлучи позитивно на тужба од судијата Андреј Димовски кој смета дека не бил праведно оценет односно не му биле доделни соодветни поени за сите услови кои ги исполнува. Димовски бара судот да му ја уважи тужбата и да го поништи решението за негово оценување.
„Начинот на непримена на прописите од тужениот, беше неисправен до тој степен што претставува прекршување на позитивните обврски на државата која таа ги има преземено согласно член 6 од Европската конвенција за човековите права“ рече на денешното рочиште Димовски.
Неговата адвокатка Билјана Јандриоска смета дека иако претходно имало одлука од Управниот и од Врховниот суд во полза на судијата Димовски, Судскиот совет сепак не ги испочитувал во оценувањето и во носењето на одлуката.
„Освен што не ги испочитувале, тие продолжиле со изброот на судии во повисокиот суд. Претходната пресуда на овој суд содржеше низа забешки за кои со доказната постапка судот ќе констатира дека воопшто не се отстранети, а како такви ги има многу“ рече Јандриоска.
Застапничката на Судскиот совет пак пред судот кажа дека решението за оценување било донесено во декември 2023, а според важечкиот закон од 2019.
„ Врховниот суд го укинал решението по приговор, а не по оценувањето на судијата. Правната заштита предвидена согласно Законот за Судски совет, тужителот претходната правна постапка за иста правна работа ја водел со тужениот огран и пред Врховниот суд“ рече претставничката на Судскиот совет.
Судијата Димовски бара повторно да биде оценет. Доколку Управниот суд ја прифати тужбата, Судскиот совет треба повторно да изврши оценување на Димовски што може да влијае на сегашниот избор на шест нови судии во Апелацискиот суд Скопје.
Според одлуката на Судскиот совет нови судии во Апелацискиот суд Скопје се судиите Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Сиљаноска Костадиновска, Кети Германова, Благица Ѓошевска и Артан Лимани.
Изборот кој го направи Судскиот совет предизвика реакции. Најспорно беше тоа што изборот се случи три години од распишување на огласот.