„Ќе добиеме оперативен блок со светски стандарди, така што нашите млади доктори специјализанти кои ги праќаме на обука во странство ќе може да работат во истите услови во кои работат светските доктри. Тоа значи дека се качуваме со новите методи, апаратури и оперативни сали на ниво на светската мапа на здравствениот систем“, изјави директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџановски.

Тој посочи дека реконструкцијата се реализира во два дела, со цел да не запре пружањето на здравствена заштита во терцијалното здравство и да нема притисок врз листите за чекање.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот за здравство, Азир Алиу присуствуваше на свечното пуштање на салите, најави дека за неколку месеци ќе треба да бидат пуштени и останатите четири операциони сали, а на почетокот на летото се надева дека ќе се заврши и проектот во Болницата „8 Септември“.
„За неколку месеци отсега треба да бидат пуштени уште четири сали, така што го закружуваме процесот од 10 современи модерни операциони сали. Од почетокот на летото се надевам дека ќе бидеме во можност да видиме уште еден завршен проект во болницата „8 Септември“, каде исто така ќе имаме модерни сали и со тоа ќе бидеме практично држава број еден во регионот, кога станува збор за ваков тип на операциони сали. Во здравството има многу работи што треба да се прават, но потребни се и фундаментални промени, како во менталитетот на политичарите, така и во менталитетот на вработените. Здравството е еден од врвните проритети на Владата“, рече Мицкоски.







