Несреќата се случи на 5 септември 2009 година, во 10:30 часот. Бродот „Илинден“ кој превезуваше 57 патници од Охрид за Свети Наум, како последица на механички дефект, претовареност и паника, се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица на Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
Во чест на загинатите поставен е споменик во паркот кај каналот Студенчишта.
19 месеци по несреќата и по седум месеци од почеток на судењето, тогаш, во 2011 година на по една година затвор како виновни за предизвикување тешки дела против луѓето и имотот во сообракајот, беа осудени капетанот и сопственик на бродот „Илинден“, Сотир Филески, и овластениот претставник на германската фирма „Лојд“ што го издал сертификатот за пловидба на бродот, српскиот државјанин Бранко Бајиќ, кој никогаш не се појави на судењето и му се судеше во отсуство.
Според пресудата на Основниот суд Охрид, капетанот Филески ги прекршил законот и прописите за внатрешна пловидба, не го одржувал соодветно системот за управување, критичниот ден на бродот имало повеќе патници од дозволеното, кои не биле правилно распоредени, дел од нив биле сместени на дополнително изградена горна палуба, на која не смеело да се превезуваат патници, а бродот немал и соодветен екипаж. Што се однесува до Бајиќ, тој беше прогласен за виновен затоа што издал сертификат за техничка исправност на бродот „Илинден“ и покрај неговите технички недостатоци, а не изрекол забрана за употреба на надградбата на пловниот објект, како и ограничување за бројот на патниците кои можеле да се превезуваат.
Бугарските судски власти во посебна постапка со парична казна од 4.500 бугарски лева како и двегодишна забрана за туристичка дејност ја казнија Борјана Георгиева, организаторот на патувањето на бугарските туристи во Охрид, затоа што патувањето го организирала без да се придржува кон одредбите предвидени со закон.
Семејствата на оштетените и загинатите патници од бродот „Илинден“ најавија дека своите оштетни побарувања против Република Македонија ќе ги истакнат во граѓанска постапка, но засега таква постапка нема.
Тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски поднесе оставка од функцијата, но таа не беше прифатена од тогашниот премиер Никола Груевски.
Тогаш СДСМ поднесе интерпелација за работата на Јанакиески, но со 67 гласа против и 12 гласа за Собранието не ја прифати интерпелацијата на опозицијата.
Пред пет години на брегот на Охридското Езеро во непосредна близина на Студенчишкиот канал беше откриен споменик „Солзата на роза“ во знак на сеќавање на жртвите во несреќата.






