Ноќеска во 2:32 часот, точниот момент кога пред една година замре последниот пулс во „Пулс“, многубројни граѓани се собраа на бдение пред изгорениот објект. Со свеќи во рацете и воздискување, тие се потсетија на своите најблиски и на трагедијата која ги промени животите на Кочани и околните места.
„63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето“, беше пораката со која многуте делегации ги пречекаа семејствата на загинатите и другите пред Домот на културата во Кочани.
Настанот, организиран од Општина Кочани и од родителите на загинатите, почна во 8.45 часот и претставува дел од централната програма за одбележување на годишнината од трагедијата.
При приемот на гости и делегации за комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, кој почнува во 10.30 часот во Центарот за култура „Бели мугри“, утрово, пред овој визуелен споменик, посветен на недовршените соништа на прерано починатите, отворена е и книга на жалост.






