среда, 11 јуни 2025

(С)Фаќање на деглобализацијата како шанса за Македонија

Ако се тргнува исклучиво од логиката на советите : “кога големите се тепаат, малите се тргаат од масата“, па и на онаа „кога слоновите се тепаат, страда тревата“, веројатно модерната цивилизација би требала да се откаже од придобивките на меѓународното право, според кое и големите и малите држави се еднакви во однос на суверенитетот и основните човекови права. Таквиот дефетизам пред процесите на менување на балансот на моќта на глобален план, кој сè погласно се нарекува деглобализација, секако не е формулата за „спас“ на малите земји, како Македонија пред она што изгледа застрашувачки, кога на она што е веќе воспоставен поредок „му истекува рокот на траење“.

Објавено на

часот

Сподели

„Тешко е да се збогуваш со минатото. Особено со нешто што изгледало вечно: меѓународните организации, сојузите, воспоставените правила на игра. Но денес стариот светски поредок се распаѓа пред нашите очи. И тоа не е трагедија — тоа е шанса.

Трансатлантскиот сојуз, кој до неодамна се сметаше за несоборлив, сега е симбол без суштина. Либералниот светски поредок? Неговите пукнатини беа видливи отсекогаш, но денес и самата конструкција се распаѓа. Последните меѓународни самити сè повеќе наликуваат на собири на нервозни елити, кои повеќе се грижат за зачувување на сопствените привилегии отколку за вистинско решавање на глобалните проблеми.

Ова е момент не за страв, туку за креација. Светот се менува — и наместо да се држиме очајно за застарени шеми, време е да се запрашаме: каков свет можеме да изградиме?“, пишува во една своја колумна дипломатот Александар Стојановски.

Покрај сите предизвици, Македонија излезе со голема придобивка од глобализацијата – државна независност

Глобализацијата, веројатно како и сите светски процеси, во својата основа имаше „добри намери“, за слободно движење, комуникација, размена на идеи, што би довело до засилен економски развој на човештвото во свет без граници. Сомнежите дека може да се претвори во хегемонистичка алатка на либерализмот, односно во неоколонијален концепт за уривање на комунизмот, не се изговараа гласно на крајот од минатиот 20-век, кога глобализацијата како веќе идејно осмислен процес стапи на сцената. Колку и да ја посакуваа и подоцна ја „практикуваа“ глобализацијата, земјите кои тогаш ( а и сега) се нарекуваа(т) „Запад“, сепак се чини дека и нив ги фати неподготвени за сите ефекти и последици од тој процес со кој не можеа да се справат за либералните вредности како „факел на промените“ да им бидат достапни на сите што требаше да бидат „ослободени“.

Првото најголемо потфрлање на глобализацијата беше крвавиот распад на Југославија, „случај“ кој ја збуни Европа која во тој миг се обединуваше. Сè уште исплашена од комунизмот кој исчезнуваше во тој период ( дури и СССР беше „демонтиран“), тогашната ЕЕЗ која се трансформираше во ЕУ, не најде начин за вистинска комуникација со лидерите на земјите што произлегоа од Југославија, која беше сепак држава со најлиберални вредности од сите оние што Западот ги перцепираше како Источен блок.

Тој турбулентен процес на глобализацијата во регионот што ЕУ подоцна го нарече Западен Балкан, во Македонија беше именуван како транзиција ( некои велат дека сè уште трае), но барем успеа како придобивка да добие независна држава, по распадот на Југославија и во првиот момент да го избегне крвавото „спонтано“ сценарио што се спроведуваше на територијата на дотогаш заедничката држава. Независноста на македонската држава беше декларирана по референдумот на 8 Септември 1991 година, но се чини дека тоа беше предизвик, своевидна „фрлена ракавица“ за соседите, а преку нив и за меѓународната заедница која и самата се трансформираше во процесот на глобализација. На политички план, Македонија „не крена глава“ од искушенијата и пречките за нејзината идентитетска државност и сувереност, во тој процес на глобализација, претставен низ процесите на интеграција во НАТО и во ЕУ. Со движење еден чекор напред, два назад, Македонија стигна и до прагот на деглобализацијата.

„ На ниедна мала држава не ѝ е во прилог да остане изолирана. Предизвиците се глобални и нивните решенија нужно мора да се бараат со соработка. Мора да размислуваме пошироко и да имаме големи амбиции или барем да наоѓаме начин како да мултиплицираме иницијативи и да поврзуваме луѓе кои заедно ќе најдат подобри, подолгорочни и поефикасни решенија за поголем дел од популацијата. Мора да размислуваме светски иако делуваме локално, тоа е она што глобализацијата ни го овозможи. Но, глобалниот концепт на поврзаност и интеграција пука по шавови, затоа што договореното не се имплементираше и оние кои ги прекршуваа принципите и ги игнорираа воспоставените механизми и институции, остануваа неказнети. Правдата сè почесто се третира како изборен предмет и во рамки на државите и по меѓународните судови… Но бидејќи сме мали како држава (Македонија), можеме да бидеме пример за прецизно изграден систем и на вредности и на услуги и тој модел да го продаваме со успешна дипломатија. Зависи како ќе се позиционираме на оваа раскрсница на која стои целиот свет, не само ние“, вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.

 

Со сите ризици за малите земји кога се менува светскиот поредок, во него треба да се пронајде шансата

Како што започна ерата на глобализација во Европа, се чини дека за жал така и завршува – со војна, веќе 3,5 годишна, овојопат во Украина . Всушност нападот на Русија врз Украина (кој Москва го нарекува „специјална воена операција“) е реакција на своевидната кулминација на глобализацијата, како инструмент на „либералниот“ хегемонизам. Барањето излез од таа воена состојба на територијата на Европа, колку и да е контрадикторно, значи процес на деглобализација.

„Претседателот Зеленски, немајќи друг избор, а следејќи ја логиката на своите најверни сојузници, прифати, но повика на директни преговори со Путин. За неколку дена излезе со серија на изјави, кои повеќе наликуваа на изјави на боксери пред важен натпревар, отколку на претседател на една држава. Одработувајќи за своите сојузници, тој всушност направи сè што може да се направи, преговорите ако може да не се одржат. На Трамп, не му остана ништо друго туку да упати предупредување до европските сојузници: ‘…Западот не смее да си дозволи да биде вовлечен повторно во уште една бескрајна војна во Европа. Ние мора да го запреме убивањето и да работиме заедно за да се справиме со долгорочните закани…’ “, пишува во своја колумна професорот Јован Донев.

Но глобализацијата не се „задржа“ само на релација меѓу Европа и северноамериканскиот континент. Придобивките од овој процес, како уривање на идеолошките бариери во интерес на економската соработка и развој, создадоа во светот други големи „играчи“ на глобалниот пазар, кои својата економска моќ веќе сакаат да ја факторизираат (гео)политички. Денес, без гласот на  Африка, Латинска Америка, Југоисточна Азија, арапскиот и муслиманскиот свет, а особено на Кина, не може да се замисли ниту еден разговор за иднината. Нивните идеи и вредности треба да бидат слушнати на исто рамниште со западните.

„Македонија, како мала, но стратешки важна земја, има уникатна можност да заземе ново место во овој свет во настанување. Наместо да биде пасивен набљудувач, земјата може да се позиционира како мост помеѓу регионите, како модел за дијалог и соработка меѓу различни култури и интереси. Македонија може да биде пример дека малите држави, со паметна дипломатија и активна улога, можат да имаат големо влијание“, смета дипломатот Александар Стојановски.

На тоа се надоврзаува професорот Јован Донев, кој проценува дека е време за нова надворешно-политичка стратегија на Македонија.

„Сè на се, време е за нова надворешно-политичка стратегија. Фразата ‘Македонија нема време за чекање’ е излитена, но адекватна. На светската сцена во моментов се тркалаат многу камења. Не е воопшто на одмет да ги дочекаме подготвени. Во крајна линија, секој покрив се поправа кога не врне“, порачува Донев.

Конечно, поранешниот претседател на Македонија, Ѓорѓе Иванов, на неодамна завршениот Форум за културна дипломатија, упати порака оти е „време да се совлада менталитетот дека малите држави се немоќни“.

Покрај сите ризици, кога светот се менува, мудрите ја наоѓаат својата шанса од „лимоните да направат лимонада“ и да ги заштитат своите интереси.

Јасминка Павловска

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ