Според ревизорскиот извештај, утврдени се нелогични и непостоечки трансакции, сметководствени записи без соодветна документација или поткрепени со неверодостојни документи, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки, што отвора сомнеж за злоупотреба на парични средства.
Ревизорите констатирале дека во 2024 година на 10 сопствени продажни места бил остварен дневен пазар од над 46 милиони денари, кој не бил редовно уплатуван на платежните сметки, спротивно на законските обврски. Во текот на целата година биле извршени само две уплати, при што било утврдено дека тие не потекнуваат од остварениот дневен пазар, туку од префрлање средства меѓу сметки.
Како клучна слабост се посочува отсуството на благајнички дневник, неуспоставени внатрешни контроли и концентрација на надлежности кај едно лице – директорот на Секторот за финансии и сметководство, кој истовремено вршел прием, ракување и евидентирање на готови пари. Дополнително, во друштвото не функционирала внатрешна ревизија.
Ревизијата открила и директна исплата на аванси за мали добивки во износ од речиси 14 милиони денари на околу 320 деловни соработници, без користење на пропишаниот начин на исплата. За најголем дел од овие трансакции не постои уредна документација, а дел од вработените изјавиле дека наведените аванси воопшто не биле примени или вратени, што дополнително го засилува сомнежот за злоупотреби.
Преку анализа на трговските книги и on-line системите, ревизорите утврдиле нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции во вкупен износ од 122,4 милиони денари, односно речиси 2 милиони евра.
Сериозни отстапувања се констатирани и кај инстант лотаријата, каде евидентираниот фонд на неисплатени добивки е за над 63 милиони денари помал од реалниот, што ја доведува во прашање можноста за идни исплати и го загрозува интегритетот на Државна лотарија. Дополнително, утврдени се неправилности при набавка и евидентирање на добивки во предмети, со неевидентирани трошоци од над 35 милиони денари за 2024 година.
Ревизорите алармираат и за енормен раст на трошоците за реклама, промоција и маркетинг, кои во 2024 година достигнале над 220 милиони денари и се десетпати поголеми во споредба со 2020 година. Дел од овие трошоци се оценети како неоправдани, поради недостаток на документација и отчетност, а сомнеж е изразен и за настани, телевизиски емисии и маркетинг услуги кои не можеле целосно да се потврдат.
Утврдени се неправилности и при јавните набавки, каде повеќе од половина постапки биле со само една понуда, рамковни спогодби со еден оператор и неделиви набавки, што укажува на недостаток на конкуренција и можност за заобиколување на законот.
Дополнително, ревизијата открила дека биле склучени договори за дело со 195 лица, од кои 75 воопшто не извршувале работни задачи, а за нив биле исплатени речиси 15 милиони денари. Неправилности се констатирани и кај службени патувања, репрезентација, одржување возила и закуп на деловни простори, вклучително и плаќање закуп и реновирање на објекти кои не биле користени.
Државниот завод за ревизија соопштува дека за сите утврдени неправилности дал конкретни препораки, а за сомнежите за незаконско работење и злоупотреба на средства ги известил надлежните органи за понатамошно постапување.






