Судскиот спор за меѓународно признат долг на „Железници на РСМ – транспорт“ АД Скопје кон „Хрватски железници – карго“ е веќе започнат. Нејасно е со кои аргументи Државното правобранителство ќе ги застапува интересите на државата, имајќи предвид дека долгот е официјално признат во сите јавно достапни бизнис-планови на сите досегашни директори на „Железници транспорт“.
По распадот на Југославија и порамнувањето на сметките и долговите на железничките претпријатија утврдено е дека МЖ Транспорт имаат долг од околу 49 милиони евра кон дваесетина европски железнички претпријатија. Со посредство на Меѓународната железничка унија (УИЦ) постигнат е некаков договор за порамнување, но останаа отворени сметките со Хрватска, Унгарија и Бугарија. Со Унгарија и Бугарија на билатерално ниво работата е средена, останаа отворени 3,8 милиони евра долг на Македонски железници кон „Хрватски железници карго“. Побарувањата се дел од транспортните приходи од железнички и товарен превоз од 1991 до 1995 меѓу Хрватска и Македонија.
И покрај тоа што побарувачот – компанијата ЦИОС од Загреб (компанија која ги откупила сите побарувања од „Хрватски железници карго“) секоја година упатува официјално барање за преговори со цел да не се зголемува долгот и да престане течењето на каматата, до денес ниту една македонска влада не презела чекори за решавање на проблемот.
Согласно Планот за поделба на Македонски железници, верификуван со Одлука на Владата на РМ од 8 мај 2007 (бр. 19-2597/1, „Службен весник на РМ“ бр. 58/11.05.2007), долгот по основ на железнички превоз кон странски железници (1991–1995 и понатаму од 1996 година) ѝ припаднал на „Железници на РСМ – Транспорт“ АД. Главницата на долгот била 3.842,386 евра, а во август 2024 година таа бројка е веќе 24.731.468 евра.
Истовремено, во бизнис-планот на компанијата стои дека сите други нерешени долгови од истиот период (освен со Хрватска) биле регулирани со посредство на Меѓународната унија за железници (УИЦ)– и прифатени со отпис на камати и намалување на главниот долг за 51%, со државна гаранција за плаќање.
На пример, долгот со Унгарските железници бил успешно решен преку билатерален договор со гаранција од Владата во 2009 година.
Досега неколку пати биле формирани работни групи со задача да подготват извештај за сите можни правни решенија на овој проблем. Без никаков резултат. И пред четири години кога пишувавме за овој проблем, и сега од Македонски железници транспорт – молк.
Долгот на државното акционерско друштво МЖ Транспорт расте секоја година – по околу еден милион евра годишно. И така е веќе со години.
„Железници на РСМ – Транспорт“ АД е активен член на УИЦ, па има обврска да ги почитува препораките и внатрешните прописи на ова здружение, како и директивите на Европскиот парламент и Советот на Унијата. Конвенциите се ратификувани од страна на Република Македонија и се дел од внатрешниот правен поредок.
Според документи до кои дојде нашата редакција, долгот е признаен од осум поранешни директори на Македонски железници, што дополнително ја потврдува неговата правна и фактичка валидност. Сепак, државните институции остануваат пасивни и дозволуваат секоја година износот на обврските да се зголемува енормно.
Со ваквиот однос државата не само што го зголемува товарот на „Железници на РСМ – Транспорт“ АД, туку и го доведува во прашање угледот на земјата во меѓународните финансиски односи.
А.Д.






