Предизвиците како што се попречен пристап, недостапност на податоци, слаба верификација, недостаток на институционална интероперабилност, ги намалува истражувачките вредности. Нашиот регистар на вистински сопственици треба да биде јавно достапен, категоричен е Фетаи.
Во Антикорупциската комисија очекуваат до крајот на 2027 година да се надогради софтверското решение и на дневна основа да добиваат информации за сопствениците на фирми.
„Со целосна операционализација на овој регистар и со дигитално поврзување со Централниот регистар, ние како институција ќе имаме увид во сите компании каде што како вистински сопственици се јавуваат државните функционери, Ние, согласно законот, ги следиме, покрај функционерите, и членовите на нивните семејства, како и блиските, односно лицата со кои тие би имале финансиски интерес. Така што, овој регистар е корисен од повеќе аспекти. Ние сме поврзани со Централниот регистар, но со целосна операционализација преку ИПА-проект софтверското решение што го имаме, ќе се надгради, така што автоматски ќе имаме податоци и ќе имаме на дневно ниво увид кој е сопственик и каков интерес има“, вели новиот претседател на Антикорупциската комисија, Адем Чучуљ.
Од Бирото за јавни набавки велат дека продолжуваат со подобрување на транспарентноста во делот на податоците што ги имаат за јавните набавки.
„Заедно со Централниот регистар ја подготвиме инфраструктурата поврзана со системите, надграден електронски систем за јавни набавки и од 17 ноември оваа функција е веќе активна. До овој момент има над 3.000 записи во изминатите скоро два месеци, што значи дека во наредниот период оваа бројка ќе се зголемува. Она што можам да кажам е дека сите заложби што ги имаме како државни институции за борба против корупцијата, и понатаму Бирото за јавни набавки ќе ги поддржува и ќе ги вложува своите напори и ресурси во подобрување на системите“, изјави Маре Богева, директорка на Бирото за јавни набавки.






