Ова значи дека почнува нова ера за ски-центарот Маврово, објави по средбата со Кутлешоски Онер Јакупоски, повереникот-градоначалник на Општина Маврово и Ростуше.
Со ова се отвора пат за нов инвестициски циклус и развој на Маврово како врвна туристичка дестинација, беше заклучено на средбата.
Новиот сопственик потврди дека се направени сите неопходни технички и организациски подготовки за успешна зимска сезона. Скијачките патеки и опремата се во одлична состојба и подготвени за првите туристи.

Хотелските капацитети во функција. Беше најавено дека во наредните денови во целосна функција ќе бидат ставени сите хотели од „Ресорт Маврово“ (Спорт, Смрча, Лоџ) со што ќе се обезбеди квалитетно сместување и врвна услуга за посетителите.
Јакупоски изрази задоволство од сериозниот пристап на новиот инвеститор и нагласи дека Општината ќе биде партнер во сите идни проекти кои значат развој на туризмот и нови работни места.
„Влезот на капитал од дијаспората, конкретно од Австралија преку компанијата на Кутлешоски, е од огромно значење за нашата општина. Вестите дека ски-центарот и сите хотели се подготвени за старт на сезоната се одличен сигнал за локалната економија. Маврово се враќа на мапата како лидер во зимскиот туризам“, изјави Јакупоски.






