Министерот за здравство Арбен Таравари, кој заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го пречекаа пациентот на Скопскиот аеродром изрази надеж дека по 24-часовен престој, откако ќе бидат направени токсиколошките испитувања, Ангел ќе биде пуштен на домашно лекување.
За четворицата пациенти кои се лекуваат во странство и се во критична состојба, министерот информираше дека кај нив нема промени.
Министерот за надворешни работи најави дека и во текот на утрешниот ден се очекува враќање на дел од пациентите кои се лекуваат во странство.
„Продолжуваме со тековна комуникација со здравствените власти во државите каде што се сместени овие пациенти. Нашите дипломатско-конзуларни претставништва се постојано во комуникација и со семејствата“, нагласи Муцунски во изјава за медиуми.