„Ме радува што за неколку дена бројот на хоспитализираните се намали на тројца, а двајца се пуштени на домашно лекување. Еден е во болница во Истанбул и двајца се во Систина. Состојбата е тешка, не е критична, но се надевам дека и таму борбата ќе биде успешна и ќе излезат заздравени,“ изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Тој додаде дека надвор од овие случаи, двајца пациенти имаат потреба од повремени интервенции поради отворени рани, а уште шестмина со исти проблеми се лекуваат во бугарската болница „Пирогов“ во Софија, каде што ФЗО ги покрива сите трошоци.
Во Кочани пристигнал и познатиот пластичен хирург Јанг Тонгс од Белгија, кој извршил проценка на повредените со изгореници на лицето, вратот и рацете.
„Вкупно 18 повредени се со вакви комплицирани изгореници, тоа се најсензитивните случаи кои бараат подолготраен третман. Како и да е, ние сме тука да им помогнеме сите повредени да излезат живи, здрави и убави,“ нагласи Клековски.
Пожарот се случи на 16 март 2025 година, во 2:35 часот по полноќ, во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во трагедијата животот го загубија 62 лица, а 193 беа повредени.
Станува збор за најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија и најголемиот во Европа по катастрофата во ноќниот клуб „Колектив“ во Романија во 2015 година.
Оваа трагедија е трета најголема во историјата на Македонија според бројот на жртви, веднаш по авионската несреќа на „Палер Македонија“ во 1993 година, а воедно и настан со најголем број на повредени лица досега. Поголемиот дел од настраданите беа млади луѓе на возраст од само 16 до 24 години.






