Освен што немаше продолжен викенд во Македонија, годинава некако и немаше иницијативи и гласност за заедничко чествување на сесловенските светители од страна на Бугарија, иако и понатаму е веројатно на „сила“ заклучокот на Мешаната македонско –бугарска историска комисија дека Кирил и Методиј се заеднички историски личности и светители од Средниот век. Секако, и понатаму во Софија под квалификацијата „заеднички“, мислат на „бугарски“, а за Македонија спроведувањето на заклучоците на историската комисија, според „францускиот предлог“ е еден од условите за започнување на преговорите за членство во ЕУ, па и тоа чествување на некои „заеднички“ личности и настани од историјата. Во изминативе 7-8 години, откако се појави тој фамозен термин „заедничка историја“ во Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, имаше неколку обиди од политичарите за нешто што наликува на заедничко чествување ( на пример патување со ист авион во Рим на македонскиот и бугарскиот претседател), што не беше прифатено со симпатии во јавноста, во ниту една од двете земји.
Во секој случај, Свети Кирил и Методиј се празнува во двете земји, „отсекогаш“ – и во Македонија, и во Бугарија. И покрај политичкиот притисок (главно врз Македонија), „заедничкото чествување“ се случува(ше) кога во двете земји празнувањето е (било) поврзано со неработни денови – па Македонците ги користат во туристичките центри во Бугарија, а Бугарите да се уверат дали навистина Охрид е толку „романтичен“, како што тврдеше еден нивни претседател. Но, откако иницијативите за „заедничко чествување“ се поврзани со политички уцени за македонските евроинтеграции и таа туристичка размена за празнични неработни денови е некако намалена.
Покрај сите стекнати предзнаења и претходни искуства (некои ги сметаат и за предрасуди) за македонско–бугарската комуникација во нормалните меѓучовечки односи, се случи по една покана за професионално известување, мала новинарска екипа да се најде во Софија, токму на денот на светите Кирил и Методиј,. Поводот е убав, почеток на одбележувањето на 20-годишнината од постоењето на Македонскиот културно – информативен центар во Софија и секако Денот на сесловенските просветители. Директорот на македонскиот КИЦ вели: „Тука не сакаат баш многу да слушаат Македонците да им зборуваат за Кирил и Методиј, ама ние ќе си го кажеме нашето. Навистина, во Бугарија и понеделник е неработен ден, па Софија е речиси празна “.
Информацијата дека и понеделник, т.е. 26 мај е неработен ден во Бугарија, донекаде ја расчисти „мистеријата“ зошто на неколкуте „друмски“ кафеанчиња од бугарска страна после македонско – бугарската граница, на влезните врати имаше залепено известување: „Објектот не работи од 24 до 26 мај“. Тоа се своевидни угостителски објекти на патот од т.н. коридор 8, уште една жешка тема во македонско-бугарските односи. Во реалноста на обичните патници, тоа значи да не се тргнува на пат без испиено кафе од дома, или барем подготвено во термос, зашто во европскиот дел на „коридорот 8“, ништо не работи во празнични денови, кои траат подолго отколку во ЕУ-кандидатскиот дел од коридорот.
Од друга страна, наместо со „европски“ уцени за заедничко чествување на празници со Македонија, можеби Бугарија треба да се обиде со аргументите на својата законска регулатива за празнични денови. Имено, во Бугарија доколку празникот се падне и в сабота, неработниот ден се префрла в понеделник. Па затоа, за истиот празник, Свети Кирил и Методиј, бугарските граѓани добија продолжен неработен викенд од три дена, додека македонските – само еден редовен викенд, без дополнителен неработен ден.
Видливи, инвентивни и модерно декорирани се обележјата во чест на светителите Кирил и Методиј во Софија. Цветно декорирани букви од азбуката-кирилица (А,Б,В), пред Универзитетската библиотека која го носи името на солунските браќа, кои на Словените (не само на Бугарите) им ја дадоа писменоста и им овозможија да остават напишани траги на нивниот јазик во 9-от век, од кој подоцна се диференцирале повеќе словенски јазици, до денешниве современи. Иако не престанува да врне на 24 мај во Софија, минувачите се фотографираат со цветните кирилични букви пред библиотеката.
Не престанува дождот, но тој не ги спречува ниту софиските матуранти попладнето и вечерта во луксузни (веројатно изнајмени) автомобили, украсени со балони да кружат и свират низ улиците во центарот на главниот град на Бугарија. Се фотографираат пред црквата Александар Невски, па продолжуваат со свирки и кружење по софиските улици. Иако во Софија има многу македонски студенти, зачудувачки е дека овој обичај на софиските матуранти не го пренеле на помладите во нивните родни места во Македонија, кои ги очекува матурата. Всушност, и младите во Македонија си имаат доволно кич-обичаи за одбележување на матурата, некои наследени од претходните генерации, а некои усвоени од „размената на идеи“ на социјалните мрежи, па се чини дека не недостасува тој софиски „обичај“.
Но уште позачудувачки е што македонските студенти во Софија немаат стекнато навика да го посетуваат Македонскиот културно-информативен центар. Во воспоставениот круг на посетители на македонскиот КИЦ, постојат различни објаснувања – од тоа дека се плашат да бидат видени таму и ставени во контекст на предизвиците во политичките односи на Македонија и Бугарија, до тоа дека имаат поинтересни места за забава во Софија. И едното, и другото можат да бидат вистинитиот одговор.
Колку и да се избегнува влијанието на меѓудржавните политички релации во личните доживувања и впечатоци на Македонците од посета на Софија, се чини не може се одминат тие рефлексии и во најпријателска конотација.
„Не знам зошто толку во Македонија се вознемирувате за уставните измени. Никому во Бугарија не му е гајле дали Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав“, вели една повозрасна госпоѓа, која одамна живее во Софија, родена во Скопје и никогаш не одрекла дека е Македонка, иако има бугарско државјанство.
„Па зошто тогаш, ако никому во Бугарија не му е грижа за уставните измени во Македонија, вашите политичари не отстапуваат од нив и уценуваат за евроинтеграциите?“, рефлексно возвраќаме со прашање, но разговорот свртува во друга насока и не добиваме одговор. Всушност и да добиевме, тоа немаше да ги промени државните и меѓудржавните политики.
Но во маркет во еден од шопинг-центрите, во случајна комуникација со некои од жителите на Софија, добиваме признание за „завист“ дека сме од Скопје, зашто „таму е поевтино да се живее“. На наредниот рафт добиваме потврда за причините за „завидливоста“ – една тегла ајвар од нецели 500 грама, и тоа од македонски производител е со цена од 15 евра, или 30 лева. Се чини дека луѓето најлесно наоѓаат „заеднички јазик“ кога говорат за обичната живеачка, што се нарекува животен стандард.
И покрај (се чини) неизбежните предрасуди, Софија за посетителите е привлечен и уреден град, со пријатни ресторани во центарот, хортикултурно минималистички дизајнирани паркови, но со големи зелени површини. Има дури и една улица со пет-шест театри, кои секогаш се посетени. Градот се нема откажано од булеварите со коцка, ниту од трамваите, иако има веќе и метро и еколошки автобуси. Навистина, присутни се и „легендите“, за таксистите кои умеат да ги измамат со цената и трасата за возење и „најотраканите“ туристи. Да се влезе во Софија со автомобил и да се стигне до одредената дестинација, се чини дека е лесна работа, дури и без „џи-пи-ес“, но излезот од градот знае да се претвори во авантура. За влез во градот, треба да се следат само патоказите кон центарот, но за излегување, во пракса и на терен паѓаат во вода сите теоретски, „џи-пи-ес“ и „гугл-мапс“ – подготовки. Најдоверлива е старата метода – со прашање до Стамбол, т.е. до Скопје се стигнува, зашто во Софија едноставно нема патокази за излез од градот. Првиот сообраќаен патоказ за Скопје (не и за Македонија) е од прилика на 2 километри пред граничниот премин Ѓуешево. Бидејќи и сообраќајната сигнализација е тема во билатералните договори на Македонија со соседите, оваа состојба без означување на патните правци во Бугарија што водат кон Македонија, наведува на споредба на Договорот за добрососедство со Преспанскиот договор со Грција. Додека одвреме-навреме се споменува дека Грција не ги менува ни таблите со „Скопиа“ на патот што води до македонската граница, никој не се сетил да забележи дека во Бугарија оваа сообраќајно-обележувачка состојба е уште поочајна. Но затоа во Софија има улици „Охридско езеро“ и „Попова Шапка“, географски локалитети што ѝ припаѓаат на Македонија, но очигледно Бугарија ги доживува како свои „романтични моменти“.
Впечатоците од „заедничкото чествување“ на светите Кирил и Методиј, како Македонци-посетители во Бугарија, само ја потврдуваат искуствената мудрост дека „со сила убавина не бива“. Никој од нас нема да биде поголем европеец, дури и да е граѓанин на ЕУ, ако заедничкото го наметнува само како свое! Почитта и разбирањето што обичните Македонци и Бугари го изразуваат во секојдневни човечки ситуации („Ме разбирате ли ако ви одговорам на бугарски“, кога на македонски прашуваме како да излеземе од Софија), се почетната позиција за какви било „заеднички чествувања“.
Јасминка Павловска