„Во моментот активно работиме на прочистување на патиштата што ги имаме, на шумската патна инфраструктура, отворање нови патишта и средување на веќе постоечките. Тоа значи правење на заштитни обрачи за заштита од евентуални пожари“, вели Михаилов.
Тој додава дека владини работни групи се фокусираат на изготвување Национална стратегија за заштита од пожари. Претходно направената анализа укажувала дека ниту една институција во државата соодветно не е подготвена да се бори со пламените јазици.
„Стратегијата вклучува набавка на она што никаде го нема. Значи ниту една институција не е подготвена за заштита од пожарите, вклучително почнувам од нас и сите други останати. Секаде се со дотраени возила, секаде се со опрема што малтене е неисправна и она што го кажав на почетокот, ги начекавме нашите вработени да гасат пожари буквално на влечки, во вистинска смисла на зборот. Ги начекавме со неподмирено здравство беа луѓето“, појаснува Михаилов.
Лани во државава изгореа над 94.000 хектари, според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари, програма Коперник.