Голем дел од луѓето во овие села од Општината Чешиново – Облешево имаат ископано свои бунари за снабдување со вода за пиење, но поради мешање на атмосферските води и канализацијата, не можат да ја користат. Затоа, во овој момент на жителите им е најпотребна питка вода за пиење. Градоначалникот на Чешиново – Облешево, Јорданчо Костадинов, појаснува дека мора да се изврши дезинфекција на поплавените места, а потребна е механизација за да се исчисти коритото на Кочанска Река.

„Веќе од понеделник очекуваме да биде формирана комисија. Во координација со централната власт ќе ги направиме тие првични сондажи на оштетувањата коишто ги имат зафатено нашите граѓани. Дополнително ќе дадеме информации каде да се обратат и да ги пријават штетите“, најави градоначалникот Костадинов.
Штети има и на посеаните житни култура, а повеќе од 30% од оризот сè уште е неожнеан, се жалат земјоделците од Чешиново-Облешево.
Наредните денови се очекува да има проценка на штетите и на земјоделските култури.






