Според нашите информации, оштетен е бизнисмен кој во времето на активното работење на СЈО бил дел од предметите што ги водеше ова обвинителство. Случајот, според нашите информации има сличности со аферата „Рекет“, а се проверува и евентуалната вмешаност на Бојан Јовановски – Боки 13.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврдуваат дека по овој случај се постапува:
„Предметот за кој покажувате интерес е во предистражна постапка и по него постапува надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК. Во рамките на своите надлежности обвинителството ги презема сите неопходни дејствија за испитување на наводите содржани во изјавите на пријавителите. Со оглед на тајноста на предистражната постапка во моментов ОЈО ГОКК не е во можност да сподели повеќе детали“, одговорија за МКД.мк од ОЈО ГОКК.
Иако и првиот случајот го носи името „Рекет“ всушност Зоран Милески заедно со Бојан Јовановски или Боки 13 и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева беа обвинети за примање награда за противзаконито влијание. Јанева дополнително беше обвинета за злоупотреба на службената должност заради стекнување имотна корист, додека Јовановски беше обвинет и за перење пари и други приноси од казниво дело.

За овој случај се објавуваа снимки каде Камчев му исплаќа пари на Боки 13 и Зоки Кичеец.
Боки 13, Катица Јанева и Зоран Кичеец добија казна затвор, ама парите од Луј Витон торбата уште ги нема.
Пари спакувани во снопчиња ставени во луксузна торба покриени со модни магазини беа изнесени од куќата на Јордан Камчев, парите ги нема, а ја нема ни торбата.

Тогашната обвинителка за гонење на организиран криминал и корупција Рускоска по постапката изјави дека парите биле однесени во домот на родителите на Боки 13, а торбата не знае каде е.
Боки 13 на судењето Рекет рече парите рекетирани во Македонија да се бараат кај власта односно кај лица кои раководат со владата и нивните семејства, но Рускоска вели немало докази за такво нешто.
Не се отвори посебна истрага за ова обвинување на веќе осудениот Јовановски, но неодамна се отвори предмет за случај сличен на Рекет, односно случај во кој ексобвинителите барале пари за да затворат предмет врз бизнисмен.
За тоа дали предистрагата ќе ги доведе обвинителите до докази и ќе биде отворена истрага, а потоа и судска постапка ќе одговори ОЈО ГОКК откако ќе бидат завршени предистражните дејствија кои се тајни.
А.Д.






