Сведокот Китанов Христијан бил редовен гостин во Пулс и раскажа дека и како малолетник одел во дискотеката и дека никогаш никој не му побарал лична карта.
Имал видеа од пожарот во Пулс, кои ги направил случајно снимајќи песна од концертот на ДНК, и ги доставил до Обвинителството.
„Видеата ги доставив до Обвинителството бидејќи на нив се гледа кога почнуваат да горат прскалките, а потоа и дискотеката. Почна врисок и кога погледнав горе во плафонот, видов мал оган и мислев дека не е ништо сериозно, дека ќе се изгасне со апаратите и дека забавата ќе продолжи. Но сѐ беше во чад, се запали целиот плафон. Од плафонот паѓаа црни парчиња, имам изгореници од втор степен по грбот. Коленото ми беше изместено, молев за помош, а во еден момент ги видов Лазо Портокалот и Столе Бојата. Се молев да ме спасат, ама не можеше бидејќи нозете ми беа заглавени. Гледав како на десната рака ми се лупи кожата. Десната рака и лицето ми беа изгорени од втор степен. Ги видов Лазо и Столе од надвор пред вратата како влечат деца, пробуваше да ме спаси еден од полицајците, го викаат Драган Казак, но не успеа да ме спаси. Тука немав веќе надеж, немав сила да дишам, и Лазо ми рече подај ми ја раката да те извлечам, немав сила, а тој ме извлекол со помош на мојот вујко, кој беше во дискотеката. Потоа паднав во несвест и повеќе не се сеќавам. Со шише вода ме освестиле, ме качија во приватен автомобил и ме однесоа во болницата во Кочани“, раскажа сведокот чиј глас трепереше додека зборуваше за кобната ноќ.
Сведочеше и Мартина Ристевска, која одговарајќи на прашања на обвинителите рече дека членовите на обезбедувањето Лазар Захариев и Стојанчо Димитријев ноќта ѝ помогнале на неа, а им помагале и на други лица.
„Пожарот го видов кога пејачот од ДНК на микрофон кажа дека дискотеката гори и дека треба да излеземе надвор. Ги видов Лазо и Столе од обезбедувањето, бев падната на земја и некој од нив ми подаде рака. Имаше повеќе луѓе паднати врз мене, а потоа кога веќе бевме на сигурно надвор, почнавме да носиме вода, да им помагаме на другите. Обезбедувањето им помагаше на сите, иако ги видов дека се во многу лоша состојба, повраќаа црнила, ама пак ја ставаа маицата преку устата и носот и пак се враќаа назад да помогнат“, рече сведокот Ристевска.
Таа посочи дека не видела дека некој намерно ја запалил дискотеката, но видела дека обезбедувачите го ризикуваа своето здравје за да го спасат нејзиниот живот и животите на други, а ако не помогнеле, како што рече, ќе имало и многу повеќе жртви.
И таа, како и претходниот сведок, сакајќи да сними видео за „стори“ за на Инстаграм, го снимила почетокот на пожарот.
Судењето е во тек со сослушување на уште двајца сведоци.
Пожарот во дискотеката во Кочани избувна за време на настап на групата ДНК, лани во март, и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци по предлог на Обвинителството.
Катерина Додевска






