Во соопштението од ОЈО-Штип се наведува дека со комбето се превезувале работници ангажирани од фирма од Струмица.
„Во несреќата животот го загубија тројца работници кои според првичните сознанија се од Непал, додека едно лице е тешко повредено. Возачот се здобил со лесни повреди. ОЈО Штип презема дејствија за испитување на причините за несреќата. Се врши разговор со очевидци, а телата на починатите се дадени на обдукција. По наредба на јавен обвинител ќе биде извршено и сообраќајно вештачење“, се вели во соопштението на ОЈО-Штип.
Од Клиничка болница-Штип каде се хоспитализирани двајца од повредените во несреќата преку писмено соопштени информираат дека во моментот и двајцата пациенти се во стабилна општа состојба и вон животна опасност.
„Во Клиничка болница Штип утрото се донесени со брза помош двајца пациенти повредени во сообракајна незгода. Едниот е патник, странски државјанин на 24 години што по направените иследувања се детектирани скршеници на три ребра по што е хоспитализиран на хируршкиот оддел на болницата. Возачот по направените иследеувања е примен на ортопедија во стабилна состојба со потрес на мозокот, скршеница на потколеница и скршеница на скапула“, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.
Министерството за внатрешни работи информираше дека несреќата на експресниот пат Штип-Радовиш во СВР-Штип е пријавена во 08.13 часот. Несреќата се случи на експресниот пат Штип-Радовиш, кај мостот на Балталиска река во близина на село Лакавица, штипско, кога товарно возило фиат дукато со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Струмица, а управувано од 35 годишниот М.Д. од село Иловица, струмичко, излетало од мостот.
„Од екипа на итна медицинска помош, кај три машки лица е констатирана смрт, додека возачот и уште едно машко лице со повреди се пренесени во Клиничка болница Штип за укажување лекарска помош“, велат од МВР.






