Сенката е нова, зашто во релативно кратката хроника на македонската борба против корупцијата, од некои десетина години, има еден голем дебакл со институција специјално формирана за да се искорени корупцијата – СЈО, што потоа одвреме – навреме, но во континуитет фрла други сенки во професионално декларираното антикорупционерство.
Имено првата антикорупционерка, Татјана Димитровска минататата недела се најде на листата осомничени во случајот „Адитив“, за што обвинителството ѝ изрече мерки на претпазливост. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција со одлука на судот остана без пасош, откако беше утврдено дека преку „вибер“ и „ватсап“ му оддавала службени тајни на обвинет во „Адитив“. Иако во јавноста расте притисокот во јавноста за нејзина оставка од морални причини, а на Димитровска практично ѝ се одземени ингеренциите како претседателка на ДКСК, таа одбива да даде оставка, повикувајќи се на презумпцијата на невиноста, со образложение дека комуникацијата со обвинетитот во „Адитив“, кој ѝ бил семеен пријател, се одвивала во времето пред да биде обвинет.
Тенката линија меѓу корупцијата и антикорупционерите
Без оглед колку е (не)предвидлив исходот од оваа афера во која е вовлечена актуелната директорка на Државната комисија за борбата против корупцијата, дури и во судска процедура да се докаже нејзината неинкриминираност, целата афера наведува на споредби со случајот со Катица Јанева, поранешната прва специјална јавна обвинителка, чијашто инволвираност во случајот „Рекет“, практично беше пресудна за неславниот крај на СЈО, во кое беа вложени сите надежи, но и неограничени материјални средства за Македонија да се справи со корупцијата. Истовремено наметнува и базични прашања – може ли Македонија да излезе од вителот на корупцијата условно кажано – независни тела од државниот систем, со луѓе кои доаѓаат од системот.
Универзитетскиот професор по управно право, Борче Давитковски смета дека иако концептот за независни тела што ќе се справуваат со корупцијата е преземена од Европската Унија, со текот на времето многу работи во нивното дејствување излегле надвор од целите за кои се создадени.
„Тие самостојни државни органи и агенции (кои ги имаме 12-13) ги преземавме како концепт од ЕУ, каде што навистина се независни. Со текот на нивната работа, полека-полека многу работи излегоа од колосекот на првичните цели за кои беа создадени. Многу работи во селекционата постапка при изборот на носечкиот кадар во тие тела ги релативизираа критериумите за независност и интегритет, неопходни за борбата против корупцијата. Веќе речиси и да немаме вистински независни регулаторни тела. Од првиот состав на ДКСК до сега, како да ја изгубивме целта. Првичната цел за постоењето на ДКСК беше тоа да биде тело за превенција од корупција, а не репресивен орган. Со предложените измени на законот за ДКСК, веќе ова тело ќе може да изрекува прекршочни казни за 40-50 прекршочни дела, односно комисијата да има своја прекршочна комисија, што на некој начин ја прави комисија на ревизори, или орган на прогон. Од идејата – да биде превентивно тело кое укажува на корупцијата, треба да се сведе на орган со репресивни функции. А во државата постојат други органи во правниот систем, кои се задолжени за репресивниот момент за коруптивните дела“, вели универзитетскиот професор по управно право, Борче Давитковски.
Според професорот Давитковски, „фалинката“ во законот, што ја прави тенка линијата меѓу корупцијата и борбата против неа, е што не е предвидено оние што вршат јавна функција (избрани или именувани) да можат да бидат разрешени доколку се констатираат и докажат неправилности во нивното работење.
Интегритетот на антикорупционерите најтешко се одржува
Борбата против корупцијата е речиси стандардана забелешка во сите извештаи на меѓународните организации за владеењето на правото во Македонија. И во најновиот извештај на Парламентарното собрание на Советот на Европа, се изразува задоволство од демократскиот напредок на Македонија и политичките слободи во земјава, но и понатаму се изразува загриженост за „широко распространета корупција низ целиот јавен сектор“.
„Иако забележуваме одреден напредок во реформата на судството, загрижени сме за бројните обвинувања за политизација на судството и широко распространета корупција низ целиот јавен сектор, како и за недостатокот на ефикасни мерки за борба против овие феномени. Ги повикуваме властите да ги засилат своите напори за таа цел, особено со усвојување на потребните законски измени, во соработка со Советот на Европа и други меѓународни партнери“, се вели во извештајот на двајцата известувачи од ПС на СЕ, Сибел Арслан и Џозеф О’Рајли.
Долгиот период на декларирана борба против корупцијата, но очигледно без некој поголем ефект, секако ја доведува во прашање ефикасноста и смислата на постоење на телата формирани за таа намена.
„Една од најнепотребните буџетски расходи, од кога постои – е ДКСК. Според нивната ефикасност, изгледа дека борбата со корупцијата е завршена, само што не сме информирани “, иронично констатира политичкиот аналитичар Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
Според Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија, една од главните забелешки за ДКСК е тоа што не се изборила да стане орган во правосудниот систем, туку останала само комисија.
„Најголемото промашување на ДКСК е што не се избори да стане орган во правосудниот систем, туку остана комисија со укажувачка улога за корупцијата. Поинакво би било значењето на одлуките, со поголемо правно дејство кога ДКСК би била ефикасен орган, со моќ да отстрани од правниот промет, секое дејствување што излегува надвор од рамките на правниот поредок, како корупцијата. Вака, се покажува дека нема ефикасност од нивната работа. Од друга страна пак, и никој практично не ја оценува нивната работа, така што останува широк простор за слободно толкување на критериумите што е, а што не е корупција. А во борбата против корупцијата потребни ни се јасни и цврсти критериуми, кои ќе го гарантираат интегритетот на оние што се избрани да бидат антикорупционери. Истото важи и за изборот на судиите“, вели судијата Дане Илиев.
Јасминка Павловска