вторник, 20 јануари 2026

Се бара куќен притвор и одземање на пaсошот за судијата Ристов, осомничен е за прикривање имот и перење пари

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог на осомничениот судија Ѓоко Ристов да му биде определена мерка куќен притвор, соопштуваат од ОЈО ГОКК. Судијата Ристов се сомничи за две кривични дела, противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело.

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, пишува во соопштението на ОЈО ГОКК.

Освен оваа мерка, како што дополнуваат од ОЈО ГОКК, предложено е и определување на мерка на претпазливост, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

Осомничениот апелационен судија Ѓоко Ристов се сомничи за две кривични дела, противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело бидејќи во домот на неговите родителите во Неготино, полицијата пронашла 350.000 евра заѕидани во ѕид, за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.

Според Кривичниот законик во делот на кривичното дело противправно стекнување и прикривање имот за кое е осомничен Ристов е пропишана казна од една до осум години затвор.

„Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, кое спротивно на законската должност за пријавување на имотната состојба или нејзина промена ќе даде лажни или непотполни податоци за својот имот или имотот на членовите на неговото семејство, кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи, ќе се казни со затвор од шест месеца до пет години и со парична казна. Ако делото од ставовите 1 и 2 на овој член е сторено во однос на имот кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи, сторителот ќе се казни со затвор од една до осум години и со парична казна“, пишува во Кривичниот законик.

Што се однесува до делот од кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело за кои е осомничен судијата Ристов, Кривичниот законик предвидува казна затвор од една до десет години.

„Тој што ќе пушти во оптек или промет, прими, преземе, замени или раситни пари или друг имот што го прибавил со казниво дело или за кој знае дека е прибавен со казниво дело, или со претворање, промена, пренос или на друг начин ќе прикрие дека потекнува од таков извор или ќе ја прикрие неговата локација, движење или сопственост, ќе се казни со затвор од една до десет години“, се наведува во Кривичниот законик.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека ОЈО ГОКК до судот доставило предлог за определување мерка куќен притвор за судијата Ристов, како и за дополнителни мерки за обезбедување присуство.

„Предлогот е веќе распределен кај судија на претходна постапка кој веднаш достави известување до надлежниот Судски совет од каде се очекува одговор, по што судијата ќе продолжи со постапување. Инаку досега, осомничениот ниту е спроведен ниту се јавил пред судот“, информираа од Кривичниот суд Скопје.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ