Според добиените лабораториски анализи, Крива Река е сериозно загадена со десеткратно зголемено присуство на олово, стотици пати надминување на дозволените концентрации на цијанид, како и високи вредности на фосфор, азот и други тешки метали. Оваа состојба претставува закана не само за живиот свет во реката, туку и за водоснабдувањето, земјоделските површини и здравјето на жителите во регионот.
Од О2 иницијативата велат дека Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) не презел соодветни мерки за утврдување на степенот на загадување. Иако граѓанските активисти и риболовниот клуб МРЕНА веднаш зеле примероци за анализа, инспекторите од ДИЖС не постапиле соодветно – не зеле примероци, ниту повикале акредитирана лабораторија. Наместо тоа, тие ја известиле јавноста дека во реката се излеала само вода од таложникот, без хемиски средства, тврдење кое не е поткрепено со никаква анализа.
Дополнително, според информации од свиркач, еден од инспекторите кој вршел увид е поранешен вработен во Булмак 2016, додека неговиот колега има сопруга вработена во истата компанија. Овие информации фрлаат сомнеж врз објективноста и професионалноста на надлежните органи.
Барања за итни законски измени и кривични постапки
Поради третото прекршување на еколошките стандарди од страна на Булмак 2016, граѓанските организации и општината бараат Министерството за животна средина (МЖСПП) да ја одземе А-интегрираната еколошка дозвола на компанијата. Исто така, се повикува Јавното обвинителство да отвори истрага за случајот и да поднесе кривична пријава за екоцид, кривично дело предвидено во член 218-б од Кривичниот законик, кое носи затворски казни до 10 години.
Освен тоа, се бараат итни измени на законите со кои би се зголемиле ингеренциите на инспекторите, би се зголемила нивната одговорност и би се вовеле построги мерки за транспарентност во нивното работење. Досегашното неисполнување на законската обврска за објавување на инспекциските акти и извештаи на веб-страницата на ДИЖС дополнително ја разгорува јавната недоверба кон институциите.
„Булмак 2016, компанијата што стопанисува со рудникот Тораница, е во сопственост на бугарската Минстрој, чиј сопственик, бизнисменот Николај Валканов, е поранешен потпретседател на контроверзната Мултигруп. Оваа организација во минатото била поврзувана со сериозни криминални активности, вклучително и со атентатот врз македонскиот претседател Киро Глигоров. Според финансиските податоци, Булмак 2016 во 2021 година остварила профит од 13 милиони евра, што ја отвора дилемата зошто компанијата не инвестирала во заштитни мерки за спречување на вакви еколошки катастрофи. Со оглед на долготрајните последици по екосистемот и здравјето на граѓаните, јавноста и институциите мора да останат будни во следењето на истрагата и процесирањето на овој случај. Одговорноста на надлежните органи, компаниите и инспекциските служби мора да биде недвосмислено утврдена, а граѓаните имаат право на вистинска заштита од вакви еколошки хаварии“, велат од О2 иницијативата.
Од ДОМ повикаа да се покрене кривична пријава до обвинителство за кривично дело екоцид по чл.218-б од КЗ.
„Согласно кривичниот закон ваквото загадување на животната средина претставува тешко кривично дело против природата и животната средина каде се предвидени затворски казни над 10 години за одговорните лица во правното лице.Владата треба да размисли какви кадри поставува на одговорни функции, кои треба да превенираат идни хаварии“, велат од ДОМ.