„Имено, како е можно министерот Алиу да каже дека комисијата утврдила, повторувам ‘утврдила’ дека операциите биле непотребни, а истовремено да вели дека истиот тој извештај не е финален? Да вели дека затоа не ги објавува имињата на лекарите и клиниките кои стојат зад тоа.
Прашуваме, кои податоци се чуваат за ‘финалната фаза’? Дали нешто ќе се менува, што се договара и што се преговара во тој период додека јавноста чека да се финализира извештајот?
Ова е крајно несериозно и јасен сигнал дека финалните наоди може да бидат различни. Ваквото однесување сигнализира прикривање или амнестирање на одредени клиники и лекари. Прашањето е: кого штити министерот?“, упатуваат констатации и прашања од СДСМ.
Според парѕијата, ако има утврдено факти – тие мора да бидат јавно објавени.
„Ако има одговорни – тие мора да се именуваат. Алиу нема право да остави ниту една дамка, ниту една сенка дека се штитат нечии интереси. Ниту дека некој оди на преговори кај него и Владата, наместо да сноси одговорност.
Во овој момент сакаме да кажеме многу јасно: огромното мнозинство лекари во оваа држава се чесни, посветени и професионалци. Но кога министерот не соопштува каде е направена грешката, кои комисии носеле одлуки и кои клиники ги спроведувале операциите, тој не ги штити докторите – напротив, ги става сите под сомнеж.
Тоа е најголемиот удар врз системот, врз професијата и врз институциите“, беше искажано на прес-конференцијата на СДСМ.
Затоа, СДСМ бара веднаш да се објави извештајот – целосно, транспарентно и без криење, во фазата во која се наоѓа.
„Во интерес на јавноста, во интерес на сите пациенти и на здравствените работници, бараме: итно објавување на досегашниот извештај, со сите наоди, без селекции и без преправки; објавување на клиниките вклучени во процесот; објавување на сите поединци кои носеле одлуки за операциите – комисии, конзилиуми, лекари, управители; активирање на ЈО, ДКСК и Финансиската полиција, бидејќи постојат сериозни индиции за коруптивна вертикала, за недозволено упатување пациенти и за незаконско профитирање“, наведени се барањата на СДСМ.
Освен тоа се бара и обезбедување правна и психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства.
„Овие мерки се единствените логични и сериозни чекори за зачувување на довербата. Во спротивно, се ризикува силен удар врз довербата во здравството и врз лекарите кои чесно и професионално си ја работат својата работа“, порачуваат од СДСМ.






