понеделник, 15 декември 2025

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ им сврте грб на земјоделците, над 30 милиони евра помалку во буџетот за поддршка

СДСМ обвинува дека со првиот ребаланс на Буџетот под водство на ВМРО-ДПМНЕ, за првпат во историјата се кратат субвенциите за земјоделците. Според партијата, наместо зголемена поддршка, како што било досега, актуелната власт директно ја намалува финансиската помош за еден од клучните сектори во економијата.

Објавено на

часот

Сподели

„Во 2023 година, за време на СДСМ, поддршката за земјоделството изнесуваше 8,3 милијарди денари. Сега, таа се намалува на 6,7 милијарди – односно над 30 милиони евра помалку“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Партијата дополнително посочува дека Владата ја укинува и авансната исплата од 30%, која досега се исплаќаше предвреме две години по ред. Истовремено, се кратат и средствата за програмата за рурален развој, а укинувањето на лимитот за директни плаќања, според СДСМ, оди во прилог на големите компании, на штета на малите производители.

„Овие одлуки покажуваат јасна намера да се укинат сите досегашни реформи и да се наруши правичната распределба на поддршката во земјоделството“, велат од СДСМ.

Дополнителна причина за загриженост, според нив, е и предупредувањето од Европската Унија за ризик од слаба искористеност на ИПАРД-средствата, поради заминувањето на 136 вработени од Министерството за земјоделство и Платежната агенција.

„Јасно е – ништо од изборните ветувања. ВМРО-ДПМНЕ им сврте грб на земјоделците“, стои во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ