„Наместо експресна реакција, наместо целосни информации и одговорност, власта со денови молчи“, велат од СДСМ, посочувајќи дека сè уште не е објавен извештајот, не се откриени инволвираните лекари и приватните клиники и дека јавноста не знае кој дал индикации за операциите. Од партијата додаваат дека досега не е поднесена ниту една кривична пријава.
Според СДСМ, не може злоупотребата на здравствената професија за профит да се третира со молк, прашувајќи „што се чека“ и дали некој се обидува да го заташка случајот или да сокрие траги.
„Вакво однесување е неспоиво со одговорна, транспарентна и сериозна држава“, истакнуваат од партијата.
Во реакцијата се наведува дека скандалот има огромна човечка димензија затоа што се работи за луѓе кои поминале низ тежок здравствен процес и сега дознаваат дека операциите можеби биле непотребни.
„Некој ги гледал како профит, како средство за нечие богатење“, велат од СДСМ.
Партијата се повикува на целосна транспарентност и одговорност, барајќи итно:
итно јавно објавување на извештајот во состојбата во која се наоѓа, објавување на имињата на докторите кои дале индикации за операциите, објавување на имињата на сите приватни клиники и субјекти вклучени во процесот, поднесување кривични пријави без одложување и обезбедување психолошка и правна поддршка за пациентите и нивните семејства.
„Јавноста ја заслужува целата вистина. Секој што учествувал во овој монструозен синџир мора да одговара“, велат од СДСМ.






