Наместо независни институции кои ќе судат по словото на законот, се враќа „сваровски судство“ кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и неговата партија, велат од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ се обидува да создаде партиски контролиран судски систем кој ќе служи како нивна алатка за политички прогон и заштита на криминалот во редовите на власта. Ова е истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ сака да биде и судија и егзекутор, да дели партиска наместо законска правда. СДСМ со месеци предупредува дека ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија. Судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви. Партизација на судството е директен напад врз демократијата и владеењето на правото. Особено што се случува паралелно со партизација на безбедносните агенции, независните регулаторни тела и други институции. Со партиски окупирани институции и контролирано судство нема владеење на правото“, рече Кузеска.
Затоа, рече таа, СДСМ ги повикува сите демократски сили – граѓаните, правните експерти, граѓанските организации и независните медиуми – да застанат цврсто против обидите за партиска контрола врз судството.
„Ова е битка за демократијата, за владеењето на правото и за иднината на нашата држава“, рече Кузеска.






