„Пензионерите ќе бидат два пати оштетени со оваа одлука, со овој грабеж, еднаш во септември и еднаш во март следната година. Денес ќе ја изложиме целосната пресметка и фактите за македонските пензионери да разберат за каква манипулација се работи.
Според сегашниот закон кој го донесе СДСМ, пензиите се усогласуваат два пати годишно — во март и септември — врз основа на растот на платите и трошоците за живот. Ако Владата не го менуваше законот и се водеше по услогласувањето, пензиите во септември ќе се зголемеа за околу 5%.
Што значи тоа?
За пензија од 20.000 денари зголемувањето ќе беше 1.000 денари, исто како што сега со линеарното зголемување. Но за пензија од 25.000 денари, пензионерите би добиле 1.250 денари, а со новото решение добиваат помалку, само 1.000 денари. За пензија од 30.000 денари, наместо 1.500 денари, добиваат помалку. За пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, повторно добиваат двојно помалку, само 1.000. И така редоследно секој пензионер губи од пензијата“, ја изложуваат својата пресметка од СДСМ.
Според нивните пресметки, за кои инсистираат дека се точни, огромни 92,5% од пензионерите, односно над 318.000 луѓе, се оштетени со ова линеарно зголемување и ќе земаат помалку од тоа што им следува според закон. Само 7,5% од вкупниот број на пензионери ќе добијат нешто и тоа помалку од заслуженото.
„Дополнително, следното усогласување во март 2026 ќе се пресметува на помала основица, што значи дека и понатаму пензионерите ќе добиваат помалку од заслуженото. Со ова решение Владата практично ги излажала и им ускрати од пензиите на пензионерите двапати. Покрај тоа што пензионерите се оштетени, со оваа одлука се крши принципот на правичност — секој да добива според својот придонес — и се испраќа порака дека вложувањето во пензискиот систем нема смисла, што го загрозува фондот и идните пензии“, велат од СДСМ.
Нивната анализата исто така покажува дека денес на еден пензионер има само 1,6 работници — најлош однос досега, а дефицитот на фондот е над 47% и расте.
„Наместо Владата да го стабилизира системот и да поттикне повеќе вработени, таа со популистички и манипулативни потези го уништува. Не само што го уништува системот, туку објективно ги краде пензионерите. Бараме Владата веднаш да го повлече овој предлог и да им ги врати на пензионерите парите што им следуваат, правично и согласно законот!“, порачуваат од СДСМ.
„На СДС и Јованка Тренчевска, како поранешна министерка за труд и социјална политика, им пречи растот на пензиите на сите пензионери“, возвраќаат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ, исто во форма на соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека откако за седум години власт „СДС и Тренчевска пензионерите ги донесоа на раб на егзистенција“, сега се против тие да го добијат заслуженото.
„Уште се свежи сеќавањата како пензионерите низ цела држава протестираа со празни тегли, покажувајќи ѝ на владата на СДС дека пензиите кои таа им ги дава не им стигаат, дури ни за зимница да си направат, а не пак да купат готова.
СДС и Тренчевска може да се противат колку сакаат, пензионерите со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го добијат заслуженото кое им беше ускратено изминатите седум години.
Пензионерите сега веќе имаат партнер во оваа Влада која ги слуша им ги решава проблемите, им го вреднува вложениот труд и прави се тие достоинствено да живеат во нивната трета доба“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
За таа цел, велат од партијата, само за 18 месеци пензиите на сите пензионери линеарно ќе се покачат за 7.000 денари.
„За неполна година Влада на ВМРО-ДПМНЕ, пензиите веќе се зголемија за пет илјади денари, а од септември и март следува друго покачување од по илјада денари. СДС сега нека седи и нека гледа како растат пензиите. Разликата е огромна. Со владата на ВМРО-ДПМНЕ за 18 месеци пензиите се зголемија за седум илјади денари, додека со СДС на власт пензиите пораснаа за 0 денари“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.






