вторник, 8 јули 2025

СДСМ тврди дека Мицкоски добил „историски шамар“ од ЕПП , ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека „СДС лаже“

СДСМ оценува дека денешното однесување на Европската народна партија (ЕПП), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, е директен историски дипломатски пораз за Христијан Мицкоски и неговата партија.

Објавено на

часот

Сподели

Предлог-амандманот за воведување на формулацијата „модерен македонски јазик“ не само што доаѓа од редовите на ЕПП, туку е поднесен токму од нејзиниот координатор Михаил Галер – член на германската ЦДУ, партија која ВМРО-ДПМНЕ со години ја нарекува свој стратешки и идеолошки партнер.

„Овој амандман претставува сериозен удар врз позициите на Република Северна Македонија, но и суштинско понижување за ВМРО-ДПМНЕ, која се претставува како ‘бранител’ на македонскиот јазик. Наместо поддршка, од своите европски пријатели добија дипломатска шлаканица што го доведува во прашање влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во својата матична групација“, велат од СДСМ.

Според опозициската партија, дополнително загрижува што ЕПП најави дека ќе го поднесе истиот амандман и на пленарната седница – што значи дека ова не е изолиран инцидент, туку координиран став во кој ВМРО-ДПМНЕ или учествува, или молчи.

„Во исто време, извештајот на Европскиот парламент содржи клучни пораки што ја разоткриваат вистинската слика за неработењето на новата власт во однос на ЕУ- интеграциите, односно има јасен повик за итен напредок во уставните измени и реформите поврзани со ЕУ и загриженост за назадување во борбата против корупцијата и за судската независност.

СДСМ уште еднаш апелира до власта да прекине со политички манипулации дома и да престане со надворешна политика водена од дневно-партиски калкулации. Дипломатијата не е театар за домашна употреба, а цената на ваквите авантури ја плаќа целата држава.

Ова не е само пораз за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ова е нов аларм дека европскиот пат е сериозно загрозен со оваа власт“, наведуваат од СДСМ во партиската реакција за извештајот на ЕП за Македонија, кој помина на АФЕТ.

Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш возвратија дека СДСМ се „фатени во лага“ за тврдењата што ги изнесоа.

„СДС повторно фатени во лага! Овој пат, лажат дека членовите на нашите сестрински партии од ЕПП денес гласаа против, бидејќи јасно се гледа на фотографијата подоле, дека освен Бугарите – другите гласаа ЗА.

Бугарите, добија поддршка од социјалдемократите, благодарение на СДС и нивните заложби, да гласаат против Македонија.

Наместо да ја поддржат борбата на ВМРО-ДПМНЕ за достоинствено претставување на државата во Европа, СДС се сити и сака да ја гледа Македонија во неуспех.

Зошто СДС работи против Македонија? Зошто СДС сака да го уништи достоинството на Македонија? Зошто СДС 30 години наназад работи спротивно на интересите на граѓаните?“, велат ов ВМРО-ДПМНЕ.

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 24 јуни 2025 година го усвои извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известителот Томас Вајц.

„Во документот, како резултат на континуираната посветеност и принципиелниот пристап, со широко мнозинство се потврдуваат македонскиот јазик, македонскиот идентитет и европската перспектива на државата. Во изминатите три децении, доколку како општество и политички чинители дејствувавме со јасни цели, многу од предизвиците ќе беа поинакви – но барем немаше да бидат поврзани со оспорување на нашето постоење. Ние сме Македонци. Со свој јазик, историја и чувство за припадност“, реагираат од ВМРО -ДПМНЕ.

Оваа постапка од страна на Европскиот парламент не е крајна цел, наведуваат од владејачката партија, „туку охрабрување да продолжиме по патот на реформите, владеењето на правото и институционалната стабилност“.

„Сè тоа – со крената глава и со чувство на одговорност“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ