понеделник, 6 април 2026

СДСМ: Субвенциите во земјоделството се намалени – Трипуновски: Филипче глуми лажна загриженост

Алармантна е состојбата во земјоделието, земјоделците се оставени сами, на раб на егзистенција. Сточарите се соочуваат со ниски откупни цени на млекото, неисплатени или половично исплатени субвенции, додека трошоците постојано растат. Владата на Мицкоски скрати 40 милиони евра од субвенциите, со што директно удри врз земјоделците, се вели во денешното соопштение од опозицисата СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

Се нагласува дека драстично се намалени субвенциите: за тутунот од 100 на 80 денари по килограм, за кравите од 12.000 на 8.000 денари по грло, за пченицата од 18.000 на 13.000 денари по хектар .

„Воведени се нови рестриктивни услови – земјоделците мора да продадат најмалку 30% од производството кај регистрирани откупувачи, во спротивно не добиваат ниту денар субвенција. Овој услов важи за лозарите, овоштарите и полјоделците.

Со зголемување на прагот од 3 на 5 декари, над 80% од малите земјоделци се практично исфрлени од системот за поддршка. Дополнително, укината е авансната исплата на субвенции, со која земјоделците добиваа 30% од средствата однапред, кога им беа најпотребни. Пред избори ги лажеа земјоделците дека ќе обезбедат поголеми субвенции, а им ги намалија.Кризата и поскапувањето на нафтата предизвикаа нови проблеми, сериозен удар врз земјоделите и врз земјоделското производство“, велат од СДСМ, притоа укажувајќи дека владата на Мицкоски сè уште нема ниту една таргетирана мерка за поддршка на земјоделците.

На ваквите обвинувања од СДСМ, веднаш реагираше министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, возвраќајќи дека опозициската партија „глуми лажна загриженост за земјоделците“.

„Венко Филипче денес зборува дека земјоделието е во лоша состојба, но токму во периодот кога тој беше дел од владата на СДС, земјоделците излегуваа на протести поради катастрофалните политики на власта. Каква забеганост! Човекот тоне во сопствената немоќ, партијата му се распаѓа, рејтингот му е еднаков на статистичка грешка, а тој упорно зборува за тема за која е повеќе од очигледно дека не ја разбира“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од реакцијата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на Фејсбук.

Трипуновски констатира дека „на толку криминални тендери, на толку украдени пари, Венко Филипче денеска лажно глуми загриженост за земјоделците“,  наводно поттикнат од лошата состојбата во овој сектор.

„Седум години СДС не мрдна со прст за земјоделците. Ги игнорираа и понижуваа земјоделците и затоа денеска се таму каде што се, со едвај 15 пратеници во парламентот. Мој совет по втор пат до Венко Филипче е тој што му го води пиарот веднаш да го откаже, зашто сè повеќе сум сигурен дека некој од внатре го мести. Понекогаш молчењето е подобра стратегија, особено кога фактите не се на негова страна. Нека се држи до турбо фолкот и нека го следи и пее Харис Џиновиќ“, му порачува Трипуновски на лидерот на СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ