Од ЗНМ предупредуваат дека ваквите настапи можат да создадат притисок врз медиумите и да ја нарушат довербата на јавноста, што, како што наведуваат, е недозволиво во едно демократско општество.
„Политичките субјекти треба да се воздржат од јавни напади и дискредитација на медиумите. Таквите постапки можат да имаат ограничувачко влијание врз слободата на изразување и да ја поткопаат довербата во јавниот простор“, реагираат од ЗНМ.
Во реакцијата се посочува дека доколку постои сомнеж за неетичко или непрофесионално известување, политичките партии имаат на располагање јасно утврдени саморегулаторни механизми, наместо јавни прозивки.
„Во конкретниот случај, СДСМ, наместо јавно да ги рецензира медиумите, требаше да ги искористи механизмите на саморегулација. Советот за етика во медиумите и Советот на честа постојат токму за институционално и аргументирано да се проверат вакви наводи“, наведуваат од ЗНМ.
Од Здружението апелираат на одговорност и почитување на медиумските слободи, нагласувајќи дека притисоците и јавните дисквалификации не придонесуваат за подобрување на јавниот дискурс, туку напротив – го нарушуваат.






