„Героски користи говор кој не претставува ниту критика, ниту новинарски став, туку лични навреди, пцости и деградирачки квалификации насочени кон СДСМ, сите членови на СДСМ, раководството, претседателот на партијата“, велат од СДСМ.
Во претставката ги наведуваат сите навреди и пцовки на Героски, од како што велат од партијата, „ширењето омраза“, заедно со целосната содржина на објавените авторски текстови. Издвоени се и 20 примери, дел од зборовите на Героски: „Штабот на будалите“, „Венко, ти си будала, човече!“, „Можат овие од Бихаќка да јадат лајна колку сакаат“, „Имате уште гомна за јадење, шапшали?“, „тупави партиски апаратчици“, „што ја почнаа будалите“…
„Овој речник нема никаква врска со слободата на изразување или со остар политички коментар. Напротив, станува збор за лична пресметка, омраза кон СДСМ, членовите, раководството, претседателот на СДСМ, и претставува злоупотреба на медиумскиот простор со директно нарушување на професионалните и етичките стандарди во новинарството.
Целосно спротивни на повеќе одредби од Етичкиот кодекс на новинарите: член 10 – ‘Новинарот нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа’.
Член 15 – ‘Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста’.
Член 16 – ‘Новинарот нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности’ “, се вели во соопштението на СДСМ.
Во соопштението се наведува дека очекуват соодветна реакција од ЗНМ како водечка национална организација која ги обединува новинарите за заштита на слободата на говорот, независноста на медиумите и почитување на највисоките европски стандарди за работа на медиумите и новинарите, и како здружение чија цел е да биде промотор и заштитник на професионалните стандарди.






