петок, 23 јануари 2026

СДСМ со амандмани бара измени на КЗК и враќање на членот 353 од пред 2023 година

Пратениците на СДСМ поднесоа повеќе амандмани на предлогот на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Објавено на

часот

Сподели

Во нив се земени предвид аргументите на експертите и невладините организации изнесени на јавната расправа, како и заложбите на СДСМ за прецизни законски решенија кои ќе обезбедат услови за борба притив криминалот и корупцијата. СДСМ бара менување на членот 353 – „злоупотреба на службената положба и овластување“ и враќање на решението пред измените на Кривичниот законик од 2023 година, се вели во соопштението од СДСМ.

„Сегашните измени кај членот 353 ја намалуваат одговорноста кај најважното – тендерите. Ова мора да се промени. Тендерската коалиција ВМРО-ЗНАМ е позната по начинот на којшто ги дели тендерите на свои фирми и без оваа промена нема никаква борба против криминалот и корупцијата.

СДСМ бара и целосно бришење на рокот од 5 години. Имотот стекнат со криминал мора да се конфискува без разлика кога е украден. Правдата и украдените пари на граѓаните не смеат да имаат рок на траење!“, се наведува во соопштението.

Според СДСМ, дигиталните податоци и снимки од системот „Безбеден град“ мора да се бришат во рок од 48 часа! Пристап до нив може да има само и исклучиво со судски налог.

„Не може да се дозволи МВР да го злоупотребува, да бидат партиски инструмент за следење и уцена на граѓаните“, нагласуваат од опозициската партија.

Освен тоа бараат и драстично зголемување на казнената политика за секој кој се организира во група за вршење тешки кривични дела.

„Мора да има јасно разграничување и максимални казни за мафијашките структури. Бараме зајакнување на кривично-правната заштита на децата од најтешките форми на експлоатација. Тука нема место за компромис или благи казни“, се наведува во соопштението.

Покрај овие клучни столбови, СДСМ со амандмани бара и проширување на условите за конфискација: за имотот да не може да се сокрие зад туѓи имиња и параван-фирми.

„Додека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ го подготвуваат теренот за легален грабеж на парите на граѓаните, СДСМ поднесе амандмани кои значат само едно – одговорност и казна“, порачуваат од СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ