„На овој начин ВМРО-ДПМНЕ само потврдува дека доаѓаат матни времиња во енергетскиот сектор. Договорања зад затворени врати со лични, приватни интереси на поединви од врвот на власта“, истакна Јовица Јанковиќ од СДСМ на прес-конференција.
„Денес, јавноста не знае ништо за инвестициите кои во енергетиката ги најавува ВМРО-ДПМНЕ и наводно тежат над 1.5 милијарда евра. Клучните прашања се без одговор, граѓаните ништо не знаат. Ако навистина станува збор за проекти од јавен интерес, зошто бегаат од одговорите? Нека излезат и нека кажат: Кој е бенефитот за граѓаните? Ќе биде ли струјата поевтина за граѓаните од берзанската? Кој ќе ја гарантира цената ако повторно, како во енергетската криза, скокне над 500 евра за мегават/час?
Нема одговори затоа што очигледно за жал во позадина се кријат лични бизнис интереси“, вели Јанковиќ.
Според СДСМ, фактите говорат дека ЕСМ во 2024 година произведе помалку, околу 3.600 GWh, а оваа година бројките се уште полоши.
„Казанџи, според најавите на Мицкоски, ќе произведува 4.100 GWh, а Алказар – над 1.200 GWh. Со други зборови, државната ЕСМ ќе го изгуби приматот како најголем производител во земјава. Тоа ли е интересот на граѓаните? Кој ќе ја гарантира евтината струја за домаќинствата, која сега ја обезбедува ЕСМ? Очигледно е – од овие нетранспарентни договори бенефит ќе имаат само блиски до власта, не и граѓаните. Нема ниту еден аргумент како овие проекти ќе го подобрат животниот стандард или ќе донесат развој за државата.
Го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да излезе пред јавноста со конкретни бројки и детална пресметка: Колкав е јавниот интерес? Кој е финансискиот ефект за граѓаните и буџетот од овој проект?“, прашуваат од СДСМ.
Освен прашањата, од опозициската партија бараат јавно објавување на дозволата за градба за „Алказар енерџи“, на чиј „почеток на градба“ присуствуваше премиерот Мицкоски, со изразено сомневање „ако ја има“. Ги повикуваат надлежните институции по допрен глас, да го истражат овој случај и порачуваат – „нема скриени зделки за сметка на граѓаните“.
Од ВМРО-ДПМНЕ, веднаш одговорија на прашањата на СДСМ, наведувајќи дека „матните времиња во енергетскиот сектор завршија со заминувањето на СДС и ДУИ во опозиција“.
„СДС никако да се помири со фактот дека веќе се опозиција и дека не можат да местат матни тендери во енергетиката, од кои длабоко профитираа“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ.
„Ако заборавиле, да ги потсетиме – нивниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски е во бегство за сторен милионски криминал, токму од такви матни тендери договорени во четири очи. СДС се тие коишто ЕСМ го наследиле со 20 милиони евра на сметка, а за седум години, токму поради нивните матни тендери наместени во четири очи, го оставија со минус од 80 милиони. Договарањата зад затворени врати за лични интереси на СДС и на нив блиските, го доведе енергетскиот сектор до фаза на целосно уништување, додека нивните профитирале милиони.
Додека сега, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено работи Македонија да ја на направи енергетски независна и земја раскрсница за набавка и транзит на енергенси. Дел од реализацијата на тој план е и инвестицијата на ветерниот парк на компанијата ‘Алказар Енерџи’ во вредност од 500 милиони долари, која претставува една од најголемите енергетски инвестиции од независноста“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.






