недела, 14 декември 2025

СДСМ прашува дали премиерот ќе го разреши министерот Фетаи за непочитување на македонскиот јазик

Владата на ВМРО-ДПМНЕ не испорача „историки резултати“ а наместо „горда Македонија“ коалициски партнери во Владата не го почитуваат ниту македонскиот јазик. На официјално обраќање, Вицепремиерот Арбен Фетаи, одби да одговара на македонски јазик.  Со ладнокрвност порача дека „уште не бил спремен на македонски“. Тоа го кажа човек на висока функција во Владата на Мицкоски, се вели во соопштението од СДСМ во кое се пренесува прес-конференцијата на Јовица Јанковиќ.

Објавено на

часот

Сподели

„А од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски молк. Нема реакција, нема извинување, нема барање за одговорност. Прашањето е едноставно: за ова ли на Мицкоски му требаа 58 пратеници? За уште поголемо непочитување на македонскиот јазик и институциите?

Ова не е изолиран случај. И други функционери од албанскиот блок во Владата на Мицкоски не се обраќаат на македонски и не одговараат на медиумите. А ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо.

Во јуни имаше сличен случај, Мицкоски излезе и кажа дека ако се повтори уште еднаш ќе биде разрешен директорот кој тогаш одби да зборува македонски јазик.

Ќе го разреши ли Мицкоски сега Фетаи? Или функционерите од власта се недоприливи? Уште колку пати Мицкоски ќе каже нешто па ќе го порече?“, прашуваат од СДСМ.

Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен во 2024 година, предвидува и санкции за неупотреба на македонскиот јазик.

„Казни од 1.500 до 3.000 евра за непочитување на употребата на македонскиот јазик има, ама нема кој да ги напише. Прашањето е зошто? И дали намерно не се формираше инспекторатот, за ова самоволие на функционерите од власта вака да поминува. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на сето ова се прават глуви и слепи, како ништо да не се случува“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од опозициската партија велат дека ќе продолжат гласно да се спротивставуваат на ова непочитување на македонскиот јазик.

„Нема да дозволиме ниту молкот на Мицкоски, ниту ароганцијата на неговите коалициски партнери да ја избришат должноста на сите функционери да го почитуваат македонскиот јазик и граѓаните“, порачуваат од СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ