„Почитувани членови на СДСМ, симпатизери, граѓани на Македонија, Како верни наследници на антифашистичката борба, СДСМ никогаш не соработувал, ниту ќе соработува со сили што имаат корени во фашизмот.
ВМРО-ДПМНЕ има длабока историска поврзаност со фашистичките режими – за време на Втората светска војна, ВМРО под водство на Иван Ванчо Михајлов соработувал со нацистичките сојузнички сили, вклучително и со Независната држава Хрватска (НДХ), марионетска фашистичка држава.
Денес, ВМРО-ДПМНЕ покажува фашистичко однесување преку воведување резолуција за забрана на слободата на говор, што е во целосна спротивност со нашето антифашистичко и демократско наследство“, се наведува во воведот на партиското соопштение на СДСМ.
Како поента на воведот се истакнува дека “Јован Деспотовски, член на СДСМ, дејствува како петтоколонаш, предавник одвнатре, во договор со членови на ВМРО-ЗНАМ“, кои според партиските согледувања – со заеднички сили се обидуваат да ја дестабилизираат партијата преку медиумска кампања, обидувајќи се да го ослабат СДСМ – токму во моментот на подем на партијата.
„Целата акција е спроведена поради вртоглавиот пад на поддршката од граѓаните за коалицијата ВМРО-ЗНАМ, откако на виделина излегоа тајните планови за ‘мигранти за пари’, изолацијата на Македонија и криминалните активности што ги објави нашиот партиски АКТ.
Акцијата е дури и координирана и финансирана од СНС и Вучиќ, со цел да се заштитат нивните бизнис-зделки со Христијан Мицкоски и неговата избрана банда.
Ова е докажано преку координирани текстови во медиумите, каде што коалицијата ВМРО-ЗНАМ секојдневно ги засилува нападите врз СДСМ и се обидува да ја урива од вантре.

Јован Деспотовски беше противкандидат на актуелниот претседател и загуби на внатрепартиските избори, а сега, од лични и финансиски интереси, ја урива партијата одвнатре, соработувајќи со сили што претставуваат современ еквивалент на фашистичките окупатори“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Како аргумент за квалификациите насочени кон Деспотовски, се наведува соработката со „новинарот Геро“ (Бранко Геровски), само како еден пример.
„Овој ‘новинар’ за себе вели дека е ‘алфа анти-СДСМ’ и со тоа се фали во своите текстови. За партијата, за сегашни и поранешните функционери пишува навреди, дури вели: ‘ќе ги разбуцаат како бугарското собрание’!
Овој случај потсетува на историскиот пример на Видкун Квислинг, норвешки политичар за време на Втората светска војна, кој тајно соработувал со нацистичките окупатори, саботирајќи ја сопствената земја и партија одвнатре за да ја преземе власта како марионетски премиер.
Тоа довело до длабоки поделби и слабеење на норвешкиот отпор. Квислинг бил осуден за предавство и погубен по војната, а неговото име станало синоним за ‘предавник’ поради соработката со непријателските окупатори.
Имавме можност и во не така далечното минато да видиме дека некои членови ја напуштија идеологијата на СДСМ, формираа свое движење ЗНАМ и се приклучија кон предавничката влада на ВМРО, која е подготвена да ја продаде иднината на Македонија во проектот ‘мигранти за пари’ “, обвинуваат од СДСМ.
Понатаму во соопштението се навраќа на изгласувањето на резолуцијата во Собранието, што според СДСМ – ја забранува слободата на говор.
„Со резолуција што потсетува на Хитлеров декрет – тие го покажаа своето вистинско лице. Како што можевте да видите, со денови СДСМ трпи напади токму од таа коалиција ВМРО-ЗНАМ, во обид да се дестабилизира нашата партија.
Јован Деспотовски им се приклучи заради лични амбиции и фрустрации – продаде сè што претставува СДСМ, нè предаде сите нас, членовите на СДСМ. Како што вели народот: ‘ја продаде верата за вечера’.
За неговото однесување додека беше на функција сведочеа многу членови на СДСМ. Сега целосно го покажа своето вистинско лице.
Поради тоа, овој случај го доставуваме до надлежните органи на СДСМ, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ со барање за итно исклучување на Јован Деспотовски од партијата.
Со тоа ќе се зачува интегритетот на СДСМ, ќе се заштитат нашите демократски вредности и борбата за подобро општество, и ќе се спречи понатамошна штета од петтоколонашите во нашите редови.
СДСМ продолжува по патот на борбата за подобра иднина на Македонија, за единство и напредок. СДСМ продолжува по патот на европските демократски вредности. Борба против изолацијата на Македонија, борба против криминалот и корупцијата, борба за европскиот пат! Оваа борба започна и нема да запре!“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека е време е да го одвојат житото од плевелот (каколот) и да продолжат со таа борба.
„Нема место меѓу нас за квислинзи. Никој нема да нè запре!“, се поентира во соопштението.






