понеделник, 8 декември 2025

СДСМ: Породилниот надомест доцни и по 30 дена

Владата на Христијан Мицкоски ги остави мајките и новороденчињата без основната сигурност што им следува по закон. Породилниот надомест доцни по 20 дена, а има мајки кои чекаат и повеќе од 30 дена. И замислете, Фондот ова го признава и вели дека тоа било во ред. Понижувачки и нечовечки е да се дозволи мајките да се јавуваат и да молат за исплати и да немаат пари за пелени и млеко, се вели во соопштението од изјавата на Елена Радеска од Комисија за здравство на СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

„Нема ништо нормално во тоа семејства што  живеат само од породилното да останат без денар, затоа што ДПМНЕ не си ја врши работата. Вистината е дека никогаш во минатото не се случило вакво доцнење.  Ниту во време на светска економска криза, ниту кога имаше хакерски напади на Фондот. Ова не се случило под ниту една друга влада. Ова е директен резултат на неспособност и на расипнички приоритети на Мицкоски и неговиот другар Клековски. Со ваква неспособност и нечовечност досега граѓаните се немаат соочено“, велат од СДСМ.

Од опозициската партија упатуваат прашање до премиерот Мицкокси, зошто нема пари за мајките и бебињата, а има за луксузни автомобили, скап мебел и тендери кај блиски фирми?

„Секој ден слушаме за нов скандал, нова злоупотреба, нов непотизам.  СДСМ бара Фондот веднаш да ги исплати сите заостанати породилни надоместоци без одложување. Бараме фиксен датум на исплата секој месец, како што со право бараат мајките. Бараме Владата јавно да ја објави состојбата со Фондот и да каже каде завршиле парите што треба да бидат исплатени на секоја мајка во оваа држава. Дали е точно дека сите доцнења се заради неликвидноста на буџетот?“, прашуваат од СДСМ.

Од СДСМ порачуваат дека како партија стојат со овие жени и ќе бидат нивниот глас додека Владата ги игнорира.

„Ќе зборуваме гласно сè додека не се исполнат сите обврски кон секое новороденче и кон секоја мајка која денес се чувствува изневерена од државата. Време е оваа неспособна влада да престане да бега од одговорност“, порачуваат од СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ