„Ветуваа 1 денар од акцизата за гориво за спортистите, за клубовите, спортската инфраструктура. Една година, ништо од тоа. Затоа, ние денес поднесуваме таков закон. Ветуваа породилно отсуство за жените-земјоделки. Една година помина, ништо од тоа. Еве денес ние од СДСМ го поднесуваме тој закон“, рече на денешната прес-конференција, Јован Митрески, пратеник на СДСМ и потпретседател на Собранието појаснувајќи за какви предложени закони станува збор.
Додаде дека како пратеници на СДСМ и коалицијата поднеле десетици закони и ниеден од нив не бил прифатен од мнозинството.
„Поднесовме закон за минималната плата да продолжи да расте. Поднесовме закон за продолжување на растот на сите плати во приватниот и јавниот сектор. Ниеден од нив не беше прифатен. Денес, имаме понижени работници, посиромашни граѓани. Денес имаме работници со најниски плати и најнизок животен стандард во Европа. Поднесовме закони за ослободување од данок на основните производи за секојдневен живот, за да се намалат цените за да го прекинеме дивеењето на цените, да го заштитиме животниот стандард, но и тие не беа прифатени. Денес имаме највисоки цени во регионот. Законот за бранители една година стои заглавен во процедура“, рече Митрески.
Додаде дека меѓу другото, претходно поднеле и над 400 амандмани на буџетот и оти прв пат во историјата ниту еден од нив не бил прифатен.
„Од друга страна, од мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден закон од нивната предизборна програма за која добија огромна поддршка од граѓаните. Од нивна страна има нешто тотално спротивно од тоа што го зборуваа и ветуваа. Тие што велеа ‘никогаш северна’, поднесоа над 110 закони за промена на името Р. Македонија во Р.С.М. Нема ништо од нивната предизборна програма. Затоа ние, пратениците од СДСМ и коалицијата, денес поднесовме 12 закони коишто се ветување на ВМРО-ДПМНЕ. Можеби изгледа парадоксално, но кога тие не ги прифаќаа нашите предлози, еве можеби ќе ги прифатат нивните, истите оние што ги ветуваа пред граѓаните и добија нивна огромна поддршка“, рече координаторот на СДСМ.