Кузеска нагласи дека како и во секоја антикорупциска борба, најважно е да се следат парите.
„АКТ на СДСМ ја следеше трагата на парите и еве го одговорот:
Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од оние кои најмногу сакаат да се истакнат со големи суми. Само во 2021 година донирал 8.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ. На сметката на ВМРО-ДПМНЕ, Томовски редовно уплаќа: 499.700 денари, 100.000 денари, 70.000 денари, 100.000 денари… И не само Томовски. И неговиот зет, Кутановски е доноро на ВМРО-ДПМНЕ, исто така. Семејна фирма, семејни донации. Сè е јасно. Вака парите завршуваат во белата палата“, вели Кузеска.
Таа повикува ДКСК и Јавното обвинителство да не молчат, туку да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на Владата на Мицкоски.
„Крадењето на народот мора да престане, сите криминалци да одговараат.
АКТ на СДСМ продолжува да ги открива криминалите на власта на Мицкоски.
Работата не е завршена“, порачуваат од СДСМ.
На обвинувањата од СДСМ, реплицираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Каде е тука криминалот? Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ како и илјадници други, а податоците се и јавно достапни“, рече Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, прашан за обвинувањата од СДСМ за наводни злоупотреби на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, и дека неговата семејна фирма добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра.
Во одговор на новинарско прашање на прес-конференција денеска Манасиевски рече дека „тимот за одбрана на криминалот на Заев и Филипче кои го претставуваат за антикорупциски тим мислат дека сега ја открија Америка“.
„Големото откритие е дека Томовски е донатор на ВМРО ДПМНЕ, како и илјадници други, а податоците се и јавно достапни. Прашањето е каде е тука криминалот? Јасно е дека нема. Наместо текстовите да им ги пишува Зоран Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите со релевантни и стручни лица. Тие ќе им кажат дека ваквата реторика освен правење димна завеса за прикривање на криминалот на Зоран Заев, нема никаква друга релевантност“, кажа Манасиевски.






