„Додека министрите патуваат на скапи службени патувања со свои кабинети, пациентите умираат без основна хемотерапија и без неопходни лекови. Ова е нечовечко и загрозува животи“, изјави Елена Радеска од СДСМ.
На Клиниката за Онкологија, како што посочуваат од СДСМ, нема ниту класична хемотерапија, ниту биолошка терапија, меѓу кои и лекот erlotinib, кој е на основната листа на лекови на Светската здравствена организација. Лекот, велат, е недостапен уште од средината на мај.
„Ова не е бирократски пропуст, ова е резултат на неспособност и незаинтересираност. Министерот за здравство очигледно нема поим за состојбата, верува дека лековите се веќе пристигнати и наместо да реагира, се занимава со тендери за паркинг места“, посочи Радеска.
Од СДСМ бараат итна реакција од Владата, министерот и директорот на Фондот за здравство – лековите мора да бидат обезбедени уште денес. Бараат и јавно соопштување на причините за недостигот и кој ќе ја сноси одговорноста.
„Животот нема алтернатива! Не прифаќаме молк и празни ветувања. Одговорност мора да има!“, порача Радеска, додавајќи дека здравството не е трошок, туку обврска на државата кон своите граѓани.