понеделник, 8 декември 2025
Локални избори 2025

СДСМ очекува победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер – Сандево, Чешиново – Облешево, Кривогаштани и Богданци

Од досега пристигнатите резултати СДСМ води и очекуваме победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер – Сандево, Чешиново-Облешево,  Кривогаштани и Богданци. Тесна битка е во Неготино, Валандово, Македонска Каменица, Ранковце и Лозово. Водиме и во Дојран, но најверојатно ќе има втор круг. Со задоволство информирам дека во секоја општинска организација имаме подобар резултат од минатата година, информираше на прес- конференција Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар и шеф на Изборниот штаб на СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу другото констатираше дека „генерално имаше мирен изборен ден, но за жал констатиравме и прекршување на изборниот процес“

Според СДСМ, констатирана е злоупотреба на Избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни уцени и закани, кршење на изборниот молк преку агитирање, како и нерегуларности при самото гласање.

„Во Лозово на пример, регистриран е обид за поткуп, регистриран од МВР. Обиди за поткуп има и на други места, кои сега се документираат. Во Куманово и Ѓорче Петров имало случаи повеќе ливчиња да му се дадат на еден гласач. Во Ѓорче Петров дадени се пет ливчиња од претседателката на избирачкото место на нејзиниот сопруг. Во Студеничани, членовите на избирачко место, истовремено биле и на советничка листа на ВМРО ДПМНЕ. Во Прилеп и Крива Паланка регистрирани се притисоци и закани спрема активисти на СДСМ. Во Неготино, констатирано е дека кандидатка на ДПМНЕ користи општински објект за потребите на кампањата… Веќе реагиравме дека починати лица се најдоа на избирачкиот список, дури и на советничката листа на коалициониот партнер на ВМРО ДПМНЕ. Командир и началници на полицијата беа дел од активностите на ВМРО ДПМНЕ за време на кампањата. Во Охрид и Зелениково, роднини на кандидатите за градоначилници биле назначени за членови на општинските изборни комисии. Во Охрид Крива Паланка и Прилеп, партиските штабови на ДПМНЕ биле активни и агитирале за време на молкот…“, наведе повеќе случаи на констатирани нерегуларност Димитриjевиќ и најави дека правниот тим на СДСМ подготвува поднесување на соодветни пријави и поднесоци до надлежните институции.

„Овие настани бараат итна реакција од ДИК, Јавното обвинителство и МВР за да обезбеди одговорност., да се заштити слободната волја на граѓаните, да се гарантираат фер и демократски избори“, кажа Димитријевиќ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ