Според Илиевски, новото раководство на РЕК Битола, поставено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и блиско до премиерот Христијан Мицкоски, потпишало рамковна спогодба вредна 150 милиони денари (околу 2,5 милиони евра) со фантомска фирма – компанија без вработени, техничка опрема и искуство.
„Управителот на оваа фирма, неофицијално, е молер со кривична историја во Германија“, рече Илиевски.
Во меѓувреме, во РЕК се случи хаварија – пожар, по што излегоа блокови од мрежа. Од ЕСМ тоа веднаш беше наречено „саботажа“, но според СДСМ, вистинската саботажа е ангажирањето на неспособна фирма, по што, наместо надворешен изведувач, вработените во РЕК самите почнале да ги чистат постројките – без соодветна опрема, опис на работни задачи и без дополнителна надокнада.
СДСМ обвинува дека тендерот бил однапред наместен. Во јавниот оглас биле поставени екстремно строги услови – минимум 330 ангажирани работници, тешка механизација, логистика за 24/7 интервенции – а фирмата што го добила договорот не исполнувала ништо од тоа. Таа дури потпишала договор дека ќе обезбеди капацитети дури по добивањето на тендерот.
„Скандал од невидени размери. Договор вреден 2,5 милиони евра, доделен на компанија што не исполнува ни еден процент од условите. Вистинска саботажа на државата и системот, диригирана од ВМРО-ДПМНЕ,“ потенцира Илиевски.
СДСМ поставува конкретни прашања: Кој ја потпишал рамковната спогодба, кој дозволил фантомската фирма да влезе во процедура, зошто се кријат документите, ќе биде ли активирана банкарската гаранција поради несработените обврски?
Според Илиевски, додека блоковите стојат нечисти, државата ќе увезува струја по повисока цена, а некој блисок до Мицкоски ќе профитира.
СДСМ повикува Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија веднаш да отворат постапка.
„СДСМ секој ден ќе бара одговорност за овој скандал. Ова не е само економски криминал, ова е удар врз државата,“ заклучи Методија Илиевски.