Денеска Тајмс, еден од најреномираните британски медиуми, објави дека Владата на премиерот Христијан Мицкоски официјално преговара со Велика Британија за отворање мигрантски кампови во Македонија, се наведува во соопштението на СДСМ.
„Предавникот Мицкоски, кој се колнеше во татковина и викаше дека ‘шанса нема’ да има кампови, преговара да ја направи Македонија депонија за мигранти. Со ова предавство државата станува отпадна периферија на Европа. Според текстот, разговорите почнале уште во раната есен, во период кога Мицкоски во земјата глумеше патриот и уверуваше дека нема да се отвораат кампови. За секој примен мигрант, Мицкоски и владата ќе добиваат пари од Британија. Тоа значи дека Мицкоски ја продава државата, ја претвора во мигрантски логор за ситни пари. Ова е трговија со суверенитетот, со безбедноста и со иднината на нашите граѓани! Уште пострашно е што, според Тајмс, мигрантите ќе имаат можност да бараат азил и да работат во Македонија. Ова значи дека владата планира трајно населување и отворање на пазарот на труд за мигранти во градежништвото и други гранки. Истата таа ВМРО–ДПМНЕ која собираше потписи и организираше протести против „измислени мигрантски кампови“ сега ја спроведува вистинската шема за нивно отворање. Ова ли е патриотизмот, Мицкоски? Од денес ти си предавникот на македонскиот народ, трговец кој ги продава граѓаните и безбедноста затоа што му требаат пари. Зад завесите се случува најголемата политичка перверзија и предавство во историјата на државата“, обвини СДСМ повикувајќи се на написите на британските медиуми.
Според опозициската партија, ова е прашање за опстанокот на државата.
„Мицкоски ја стави Македонија на продажба, ја претвора во мигрантска периферна зона на Балканот, земја без контрола, без достоинство и без иднина. СДСМ најостро се спротивставува на ваквите тајни договори и бара премиерот веднаш да ја објави целата содржина на разговорите со Британија и да одговори јавно дали за неколку милиони евра подготвува да ја претвори Македонија во најголемиот мигрантски центар на Балканот?“, побараа од СДСМ.
На ова веднаш вратија од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека „криминалците од СДС се подготвени да измислат колонизација на марсовци во Македонија само за да создадат паника кај народот“.
„Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од ‘фабриката’ на истата партија која пред само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола. Денес, тие истите глумат загрижени патриоти. Што се однесува до навредите за ‘предавства’, најдобро е СДС да погледне во својот двор. Тоа беше партијата што го направи најголемиот распад на институциите, најголемиот удар врз безбедноста и најголемата загуба на довербата во државата. Македонија не била попонижена од времето кога Заев и неговите соработници шетаа по светот со политики на капитулација и корупциски скандали. Денес, тие истите предавачи делат лекции за ‘суверенитет’. Ова што го прават е опасно: свесно лажење со цел да се креира страв. А кога политичка партија гради стратегија врз невистини, тоа значи дека нема што друго да понуди. СДС е во право само во едно: ова е прашање за опстанок. Но не на државата, туку на нивната партија, која повторно се потпира на страв, измислици и очајнички обиди да остане релевантна“, возвратија на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ.






